Социјалдемократите без лојални гласачи
Лабуристите во Велика Британија на јулските избори успеаја да ги вратат гласачите, кои, со текот на времето, поради најразлични причини ги напуштиле. Советниците на британскиот премиер Кир Стармер овие гласачи ги нарекоа „херојски гласачи“.
Во слична ситуација сега се и македонските социјалдемократи, кои прво треба да ги пронајдат таквите гласачи и да утврдат зошто на изборите не гласале за нив, или не излегле на гласање: дали поради изневерени очекувања, или незадоволство од водењето на државата?
Има ли „херојски гласачи“
Може ли СДСМ, во македонски услови – да снесе такво јајце?! Одговорот би бил – тешко, но не и невозможно! Тешко, поради внатрешно поделената партија , како и намерата на владејачката ДПМНЕ, заедно со ВРЕДИ и ЗНАМ- да ги снема социјалдемократите, или да ги маргинализира на политичката сцена- за да не му пречи на груевистичко/ бранковстичкиот блок да прави што сака со државата.
Но, не е невозможно, бидејќи кај демократски настроените граѓани, кои, за жал, се во малцинство, во некој момент, како во времето кога се уриваше режимот на Груевски, ќе проработи чувството за иднината. Односно дека е дојден моментот да се застане на вистинската страна, а државата да се стави на вистинскиот пат кон евроинтеграциите и добробитоста на граѓаните.
Треба, затоа, да се нотираат неколку фактори, од повеќето внатрешни и надворешни, кои ја доведоа СДСМ до сегашната состојба.
Загрозени од внатре и од надвор
Најголем проблем на оваа партија, кога е на власт, беше неизбалансираното ангажирање врз приоритетите на надворешен и на внатрешен план.
Државотворната посветеност на надворешните стратегиски приоритети (земјата стана членка на НАТО и е пред почеток на преговори за ЕУ, (процес кој стои поради опструкциите на вмровците, што многумина го занемаруваат), не ја следеше посветеност на домашните задачи – реформи, борба против корупцијата, или подобар живот.
Социјалдемократијата, како една од најпрогресивните идеологии, е загрозена во Северна Македонија – однатре и однадвор, при што национал-популистите сакаат да ја уништат. Од друга страна, СДСМ е внатрешно поделена партија! Навидум од идеолошки, како што обвинуваат екс-функционери – наводно новите не знаеле што е социјалдемократија – но во основа, станува збор за суетно-емоционални и рационално необјасниви причини.
Поранешни функционери во партијата за секое ново раководство зборуваат дека е непознато, не знае како треба да функционира и нема капацитет! Не само што зборуваат, туку и работат против партијата.
Примерот на Тони Блер
Екс-лидери и функционери на социјалдемократите напишаа своевидна приказна за тоа- како членовите не треба да се однесуваат кон својата партија! Така, од досегашните седум претседатели на СДСМ, двајца формираа партии, за еден (Б. Црвенковски) се тврди дека стои зад една новосоздаденаа.
Партии формираа и неколкумина екс функционери , покажувајќи колку овие луѓе се далеку од европската вистинска демократија и посебно- колку малку биле вистински лојални на партијата ( без која ќе останеа анонимуси) и на социлдемократијата. Всушност , биле само политички профитери .
За споредба може да послужат Британците, на пример и нивниот екс премиер и лидер на лабуристите десет години- Тони Блер.
Со партиски пуч , после едно долго дисквалификување во домашнаѕа јавност, низ некои медиуми, на Блер му се случи она што во РСМ му се случи на Зоран Заев- да биде принуден да си замине- непоразен, за да не се растури партијата.
Без сатанизација на својата партија
Но, за разлика од македонските лажни социјалдемократи, Блер се повлече достоинствено.
Не им се одмаздувше на оние кои го истуркаа, не создаде своја партија, јавно не ги напаѓаше тие кои го наследија кои покажа дека не ги бивало за лидери на партијата. Дури сложно, со партијата максимално помогна за да не се распадне Британија, во време на референдумот за независност на Шкотска.
Немаше сатанизирање на лабуристите. Остана и тогаш и сега лојален , подржувајќи ја партијата што ја има предводено. Слично како што и во САД, кај демократите направија, Клинтон, Обама…
Затоа, пак, на нашата политичка карта се форсира сценарио од некои земји каде социјалдемократските и социјалистичките партии, поради внатрешни поделби и слабости, беа маргинализирани (ПАСОК, Сириза во Грција, Социјалистичката партија на Франција, … социјалдемократите во Србија…)
„Шарените“ и невладините
Во вакви услови, последните години, раководството, посветувајќи и се само на власта, создаде голем јаз меѓу партијата, членството и симпатизерите. СДСМ, стана затворена партија, бидејќи за членството и симпатизерите кои сакале да кажат нешто и да помогнат, раководството било недостапно и глуво!
Ниту една анализа за состојбите во партијата не може да помине без да се споменат дел од „шарените“ и невладините! Се разбира, за неостварувањето на ветувањата и лесно ветените брзини по падот на вмровскиот режим, најголема вина сноси партијата.
Но, дел за вината, која никој не ја презема, сносат и дел од „шарените“. Едни, кои влегоа како функционери во власта на СДСМ, други, кои, по падот на режимот , се „демобилизираа“, не и помагаа и не ја контролираа владата. Напротив, повеќе одмагаа.
Поразот на изборите, инаку, беше „запечатен“ со два контроверзни случаја – зголемувањето на фунционерските плати за 78 отсто и намалувањето на казните за кривичните дела злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, со што беа ослободени најголем дел од обвинетите криминалци на ДПМНЕ.
Во сево ова свое замешателство имаа ДУИ и вмровците, но цехот го платија социјалдемократите
Дежурни критизери
Иако, најголемите проблеми на партијата се произлезени однатре, дел се создадени и од надворешни фактори и објективни околности.
По последниот конгрес на СДСМ, на пример, доминираа негативни одгласи во провладините и вмровски медиуми, при што се цитираа партиски екс-функционери, кои фрлаат дрвја и камења врз раководството. Придружувајќи му се на тој начин, на октроираниот лидер на владеачкиот блок.
За една од причините за катастрофата на СДСМ на последните избори, незаобиколен е екс-владиниот коалициски партнер ДУИ. Оваа партија и нанесе огромни штети на СДСМ поради корупциско-националистичките интереси, кои, поради опстанокот на власта и евроинтеграцискиот процес, владејачката партија ги толерираше.
Штетата направена од ДУИ
Стана здодевно да се споменува дека социјалдемократите како да ја занемарува јавноста, па дојде до ситуација, како партија, речиси да нема медиумска поддршка. Кога беше на власт, не успеа да направи промени во МТВ, и во Агенцијата за електронски медиуми, кои останаа бастион на вмровците. Најголем дел од класичните и социјалните медиуми, главно, финансирани од Будимпешта, беа инструментализирани како пропагандисти на ДПМНЕ.
Кај некои екс-сдсмовски функционери преовлада Стокхолмски синдром! Дел од оние кои беа исфрлени на клоци на „црниот понеделник 2012“ и едвај извлекоа „жива глава“ на „крвавиот четврток 2017“, отидоа во „прегратките на оние кои ги тепаа, исфрлаа и се обидоа да ги убијат!
Постои и еден неповолен тренд за СДСМ (но, и за другите партии) – како што младите се иселуваат од државата, уште повеќе се „иселуваат“ од партиите. Излегува дека најголемиот број политичарите, со профитерството и криминалите, создадоа негативна перцепција кај јавноста, особено кај младите, што целосно ја уништи довербата.
Ниски удари од ЕУ и САД
Конечно, нешто и за Европската Унија, колку и да станува збор за наш проблем, се покажа дека е и на Унијата. ЕУ, заедно со САД сносат делумна вина, затоа што поради нивната непринципиелност, колатерално настрада СДСМ.
Поради исполнувањето на барањата од ЕУ од САД, но и неисполнување на ветувањата од ЕУ, паднаа две влади – на Заев и на Ковачевски.Уште пред изборите , промовирајќи и стари извештаи за македонските состојби.
При тоа, најмал проблем е партијата на социјалдемократите, иако таа не е за жртвување. Проблем е што со политиките на актуелната вмровска власт се доведува во прашање државата, која ( одново) на брза лента станува автократска и заробена, по теркот на нивните пријатели од Унгарија, Србија, Русија и Кина.
За демократското здравје и амбиент на Република Северна Македонија, неопходно е на политичката карта на земјата да има повеќе партии со различни идеологии и пристапи од сегашните. Пред се социјалдемократската, како критичар, коректор, па и уривач на власта, што го става новото, подмладено раководство на СДСМ пред голема одговорност и работа.
Манчо Митевски