Лажливите овчарчиња од нашето село
Со вмровската власт и за осум месеци ништо ново и добро за општеството, државата и граѓаните во Северна Македонија!
Како и во времето на Груевски, се се сведува на празни ветувања, лаги, пропаганда, китење со туѓи перја, отворање на веќе затворени надворешни и внатрешно-политички и идентитетски прашања.
Наместо подобра живејачка на луѓето – растечка инфлација, изедени плати и пензии, најниска минимална и просечна плата во регионот, сиромаштија, презадолженост, демократија и правна држава на лажиче, разградување со партизирање на системите (образование, здравство, правосудство, меѓуетнички односи)…
Фалба со лажна покана
Џабе и беа фалбите и поддршката на една амбасадорка за вмровскиот лидер и владата дека биле ефикасни во борбата против корупцијата и криминалот, во подобрувањето на правната држава, реформите и животот на граѓаните!
Човекот и партиите на кои таа типуваше и за кои мисли дека ќе ги исполнат ветувањата – слично како и Груевски – ја „возат“ на долги патеки и тешко дека барањето ќе го испорачаат пред локалните избори, бидејќи со нив сакаат да заокружат апсолутна власт и да ја заробат државата.
Од Калето не слушнавме ништо за „честа“ премиерот да биде „единствен“ од регионот кој бил „поканет“ да присуствува на инаугурацијата на Трамп и за сите конструкции околу тоа од партиските функционери и поткупените медиуми.
Гласачите веруваат во лагите
Таа улога на „подвиткување на опашката“ му ја препуштија на нарцисоидниот човек-влада-партија, сам да се демантира. Посетата да ја релативизира на присуство на „инаугуративните активности“, со извртената теза дека резултатите од неговото присуство и средбите што ги имал, „се забележани од опкружувањето на претседателот “.
На нашите простори позната е итарпејовската приказна за лажливото овчарче, кое два пати успеало да ги излаже соселаните да го спасуваат од волците, но третиот пат, кога навистина било нападнато, селаните веќе не му верувале!
Но, за разлика од приказната, сегашните „наши овчарчиња“ и натаму продолжуваат да ги лажат „селаните“, а тие и натаму им веруваат! Не успевајќи да го реализираат она што го ветија со класичен национал-економски популизам, почнаа да конструираат и да забораваат што ветиле.
Направија радикален дисконтинуитет со претходната власт, но во континуитет ги преземаат нивните започнати и скоро готови проекти и инвестиции, китејќи се со туѓи перја.
Државата е во длабока изолација
Што се не ветија во предизборието и така победија: поништување на Преспанскиот договор и враќање на името, националното достоинство и гордоста, заштита на идентитетот, јазикот и историјата, подобрување на Спогодбата со Бугарија со одложено дејство, ослободување од зависноста на претходната власт од ДУИ и Албанците, подобар живот на народот и граѓаните…
Но, се случува обратно! Преспанскиот договор го прифатија и го спроведуваат. Додавката на името – Северна ја изговараат без стеснувања, националното достоинство е паднато, а граѓаните се најголеми песимисти во Европа. Идентитетот, јазикот и историјата се бранат самите, без нивна помош, бидејќи со децении се меѓународно етаблирани, признати, функционираат и никој не може да ги одземе.
Спогодбата со Бугарија не можат да ја изменат, бидејќи стана официјален документ на ЕУ, а државата е изолирана. Никој ниту доаѓа, ниту ги кани овдешните политичари кои се оставени сами да се препелкаат во калта што ја создадоа, а народот да си живее со власта каква што си ја избрал.
Владата го враќа изборниот долг
ЗНАМ протежира некоја несфатлива национал-популистичка социјалдемократија, под сенката на екс-лидерот на социјалдемократите Б.Ц.
ВРЕДИ ја зацврсти позицијата во албанскиот кампус во власта, но со продлабочени „проекти“ – внесување на албанскиот јазик во Уставот, албанска академија, албанска заедница на општини, злоупотреба на институциите и функциите , а заборавија на ветувањето дека ако нема преговори со ЕУ за шест месеци, ќе ја напуштат владата.
Еден од најконтроверзните потези со партиско-криминален предзнак е враќањето на „долговите“ кон моќниот крупен капитал, по теркот на Трамп, на комората на вечниот Азески за помошта на изборите. Кредитот од Орбан бил договорен уште додека Мицкоски беше во опозиција (кредит од држава за партија!). Целта на милијардата беше образложена како помош на општините и фирмите за развој.
Но, ефектите, освен што вмровските градоначалници ќе асфалтираат пат, ќе направат градинка, тротоар, чешма и ќе постават канализациони цевки, практично, изостанаа. Во едно интервју Азески ја кажа „бизнис зделката“ и договорот со вмровското раководство пред изборите.
Договор пред мајските избори
„Јас, кој ги знам работите одвнатре, знам дека тоа што го договоривме пред изборите нема да доцни“. Имено, со владата договориле, прво, кредитна линија од Унгарија, второ, буџетот за наредната година да го гледаат заедно со даночниот календар што го барале, трето, „Бехтел и Енка“, односно вклучување што поголем број македонски компании во тој проект, четврто, капиталните инвестиции да се реализираат без пренамени и „марифетлаци“.
Згора на тоа, на најбогатите, со помош на Уставниот суд, ќе им ги вратат, и тоа со камата, парите од солидарниот данок што им го наплатија претходните власти за да се санираат последиците врз граѓаните од пандемијата и енергетската криза по руската агресија врз Украина. Уставниот суд го прогласи законот за овој данок за неуставен.
Но, поранешната претседателка на Судот, го издвоила своето мислење. Причината за нејзиното гласање против поведување постапка за оценување на уставноста била дека „овој закон е исцрпен во својата примена, за што постои пракса на овој суд во огромен број предмети, која во овој случај не била испочитувана“.
Непотребен унгарски кредит
Според неа, овој закон не предвидува плаќање солидарен данок во 2024 година, кога се одлучува за уставноста. По сево ова се поставува прашањето – кој владее во „нашата држава“?
Во меѓувреме вмровската власт ги прелажа пензионерите со пензиите, административците и професорите со платите, стави рампа на зголемувањето на минималната и просечната плата, сегашната била доволна, со кредитот од Орбан го зголеми јавниот долг од 55 на 65, а буџетскиот дефицит на 4, што се опасни проценти. Постојано тврди дека нема пари во досега најголемиот буџет.
Од друга страна, ефектите за фирмите од кредитот се никакви и по неколку месеци. Парите стојат во Развојната банка, се плаќаат камати, а фирмите немаат никаква корист.
Еден угледен професор по економија неодамна презентираше податок дека можеби кредитот не требал да се зема, бидејќи во Развојната банка подолго време стоеле неефектуирани десетици милиони евра!
Покренување затворени прашања
Избирајќи меѓу граѓаните и своите бизнис ментори, власта се определи за богатите!
Народот не го вадат од уста, но го доведуваат во состојба да не може да врзе крај со крај. Големите фирми, трговците и банкарите ги дуплираат своите профити, добиваат евтини кредити и други повластици од власта, а таа се ценка за минималната плата.
Платите и пензиите ја губат трката со инфлацијата, потрошувачката кошничка се помалку семејства имаат приходи да ја наполнат…
За народот традиционалните прехранбени артикли – сирењето, гравот и доматите веќе стануваат луксуз, а месото, мислена именка. Владата јавно ги поддржува бојкотите на граѓаните на маркетите и револтот од поскапувањата, се заканува со мерки, но во практика не презема ништо од страв од менторите.
Бидејќи во државата постојано нешто треба да се случува, по груевистичкиот терк, една афера или лага да биде покриена со друга – а премиерот кој сам се декларира како суверенист и патриот, но не е ништо повеќе од самобендисан популист, чија цел е секој ден да биде пред камерите – сам си отвора затворени прашања и афери, со цел тие веднаш да бидат покриени со други.
Нема веќе „македонско прашање“
За да се забошоти лагата за „историската“ покана на инаугурацијата на Трамп (Македонија по глава на жител имаше најмногу претставници од власта), се протна теза за борба за решавање на „македонското прашање“ (кое, со формирање на македонската држава е одамна решено).
Потоа „не возеа“ во воз во дел од пруга која се градеше три децении, а тие ја доградиле за три месеци (но таа не се користи!), се сликаа и со една патна делница. Откако и тоа не остави некој посебен впечаток -нова лага – ќе донеле германски фирми кои тука ќе произведувале и како македонски производи ќе ги извезувале во САД , како и дека ќе ја правеле Македонија најбогата земја на Балканот.
Ако власта и малку се разбира од реал-политика (а не се разбира) и ако навистина се залага за „доброто на народот“ (а не се залага), треба што поскоро да се спушти на земја, да погледне што и се случува во државата и како живее „нејзиниот“ народ, да ги засука ракавите и да работи, а не да блефира.
Национал-популизмот и нарцисоидноста никогаш не успеваат да се издигнат до бескрај. Секогаш и секаде летаат високо, но треснуваат на земја како издишани балони!
Манчо Митевски
![](https://skopje.global/wp-content/uploads/2018/05/logo-nav-6.png)