Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Европа, сега!

Европа, сега!

Република Северна Македонија, колку и да е мачно да се констатира – е застаната и тапка во место во сите сфери од општественото живеење, бидејќи е целосно заробена од партиите на власт. Власта поради необјасниви нерационални причини самоволно го замрзна процесот на евроинтеграција (не сакалa да работи по диктат на Бугарија и бара гаранции!), по што земјата беше изолирана на меѓународен план и оставена самата на себе да се препелка во калта на својот квази патриотизам и фрустрации. Ова е нешто веќе видено, ама се случува многу побрзо и поизразено од времето на Груевски .

За владината коалиција, односно за ДПМНЕ-мицковистичка (партијата и државата – сум јас!), ЗНАМ-бранковистичка (на СДСМ да им умре козата!) и ВЛЕН-дезориентирана (ДУИ, па ДУИ!), две работи се примарни. Сите адути – пари и институционална логистика ги ставаат на нив: на изборите и на лагите. Што значи на злоупотреба на институциите, државните пари, матните странски кредити, манипулациите, релативизациите и лажните вести врз што ја градат својата власт и моќ. На тој начин на изборите планираат по секоја цена да ја задржат доминацијата на локално ниво, а потоа да распишат предвремени парламентарни избори, повторно по теркот на Груевски „секое летенце детенце (избори), изборни буџети за поткупување на електоратот, но и за партиско и лично богатење.

Државата тоа сум- јас

Вмровската власт, исто така, се потпира на надежта дека во некој момент, едикојси од администрацијата на САД ќе се сети на нив, кои се наредиле во првиот ред во навивањето за Трамп, како и дека Орбан јавно, Путин тајно, а Вучиќ со личен пример, јавно и тајно, автократски, програмски, финансиски и со пропагандистички лажни вести ќе ги помагаат и храбрат! Не треба да се заборави и големиот бизнис (црвените тајкуни) во Северна Македонија кој јавно, без стеснување, ја поддржува и командува актуелната власт поради своите огромни профитерски интереси.

Политичкиот аналитичар Тони Поповски, пред две години предупреди дека во моментите на поставени пречки во процесот на евроинтеграциите:„Пред македонското општество постои можноста да докаже дека е мудро и дека нема да наседне на обидите за злоупотреба на ‘етничкото’ за политички цели…“. Но, македонското општество не беше мудро! Во тоа време опозицијата, ДПМНЕ, свесно „заигра на етничката карта, убедливо ги доби изборите во 2024 година, стана власт и продолжи да игра на етничката карта и со екстремен национализам работи да ги добие и локалните избори.

Со своите стратешки, но партиски, а не државни политики и постапки, ДПМНЕ филигрански јасно искристализира еден факт, кој тешко може да се побие: оваа партија е против интегрирањето на Северна Македонија во ЕУ! Може со многу аргументи да се изведе и тезата дека, партијата не само што работи за своите партиски интереси, туку дека зад нив се кријат и туѓи интереси – на Орбан, Вучиќ, Путин… Само од две причини.

Париските пред државните интереси

Првата, влезот во ЕУ ќе го запре „ловот во матно“ за партиски и лични профити, за што вмровците, кога се на власт, се вистински велемајстори. Неуките политички третокатегорници, кабинетски службеници во времето на Груевски, а ла Мицкоски, Николоски, Муцунски, Тошковски… преку ноќ станаа „ајкули“!

ЕУ со нејзините стандарди ќе ја компромитира и оневозможи авторитарноста во владеењето, неприкосновената моќ на лидерот и на партијата. Ќе го проблематизира негонењето на големиот криминал. Ќе го актуелизира забошотувањето на најголемата трагедија во земјата, која станува табу тема во медиумите со цел да се заштитат партиските пулени, кога, поради нечинење – непреземање превентивни и репресивни мерки, животите ги загубија 62 млади и околу 200 останаа со трајни здравствени и психички последици.

Организираниот криминал, корупцијата и непотизмот на власта дивеат (пред локалните избори се распишани и ефектуирани над илјада конкурси за вработувања на партиски војници). Влијанието на црвените тајкуни, на чело со Азески, врз владините политики ќе се осуети…

Втората, ДПМНЕ е партија без политички принципи и карактер. Кога беа во опозиција беа за едни, а како власт се против истите тие принципи, проекти и политики! Се што критикуваа како опозиција, сега го поддржуваат како власт и обратно. Немаат никаков, проблем да се китат со успешните проекти на претходната власт, преземајќи ги како свои!

Лажни национални заштитници

ДПМНЕ, како опозиција, но и откако е дојдена на власт се претставува како партија на народот!? А како власт, повеќе од една година се однесува опозициски! За се лошо е ја обвинува опозицијата, а за доброто искажува самопофалби! На самозаљубениот лидер му излегува пења од устата од постојаното повторување дека ДПМНЕ на чело со него е заштитник на интересите на македонскиот народ! Но, ништо не кажува за над 200 илјади Македонци кои се декларирале како Бугари и добиле бугарско државјанство. Меѓу нив и негови најблиски. Молчи пред „вистинската вистина“ дека речиси половина од вмровскиот дел од Владата, имаат бугарски пасоши… Не гукнува ништо околу фактот дека ДПМНЕ со замрзнувањето на процесот на евроинтеграцијата работи во интерес на Орбан и Путин, за Македонија да остане и натаму паричка за поткусурување и нестабилност на регионот!

Политичката социологија познава термин (страто)кратогеноза. Тоа се поврзува со апсолутната власт, држава во која се соединуваат световното и црковното. На претстојните локални избори, како кандидат на ДПМНЕ е номинирана една личност, која се одѕива како Орце Ѓорѓиевски! Тој со гордист најавува  дека е „номиниран за градоначалник на Скопје од Бога и од Мицкоски, а благословен е од Г.Г. на МПЦ“!?

Лагата пред вистината

Во историјата на македонската држава не е забележан случај како обидот лагата да биде така убедливо пласирана како вистина! Во македонската јавност и медиуми, октроираниот лидер на вмровците, Мицкоски, неговите потчинети и платените пропагандисти, по сто пати на ден шират лаги кои го контаминираат и дезориентираат македонскиот општествен простор. Дека инфлацијата ја предизвикувале високите плати и пензии кои ги зголемила власта (!), дека сме биле земја со најмногу инвестиции по глава на жител (!), дека сме четврта земја во Европа по развој (!), дека сме единствени кои имаат потрошувачки кошнички за тричлено семејство, за деца, за пензионери, за вработени (!), дека буџетскиот дефицит е контролиран (!) и разни други измислици, само да се замајува јавноста. Вистината е дека земјава е една од најсиромашните во Европа со најнесреќни граѓани.

Врв на забеганоста беа две изјави кои сериозно го компромитираат Мицкоски како политичар, но и како човек. Баснописците Езоп, Крилов, Андерсен вода можат да му носат за една негова басна! Бугарскиот министер за надворешни работи го нарече „глувче на кое му дале задача да го задева лавот“ (демек него)!

Лавот и глувчето

Не навлегувајќи во изјавата на овој бугарски политичар, која е крајно некоректна, но според фактичката состојба излегува дека глувчето го стиска лавот за вратот, не му дава да претне, а лавот мјаука како маче и го моли глувчето да му даде гаранции дека веќе нема да го стега околу вратот! Патем, позната е слабоста на вмровските лидери кон лавовите, која прераснува во синдром! Георгиевски синот си го крсти Лав, а такво име и даде на партиската паравоена единица „лавови“. Груевски сакаше на државниот грб да смести лав, сличен на бугарскиот, а Мицкоски самиот се нарече лав!

Вмровскиот лидер на родителите на загинатите во Кочани, им се обратил со зборовите „одредете си цена за вашите деца“, што зборува за крајна забеганост, арогантност и нечовечност, иако кабинетот и платените медиумски аргати тоа се обидуваат да го демантираат и релативизираат пласирајќи извртени тези и плитки аргументи.

Заради сиве овие работи, последен момент е македонското општество да собере мудрост, сили, храброст и единство за да и го покаже на власта единствениот пат за спас на Република Северна Македонија како држава од сегашната недефинирана состојба – ни на небо, ни на земја! А таа е: Европа сега! Македонските граѓани сега треба да се определат за ист слоган, како на времето Словенија, како приоритет, поддржан од сите партии и етникуми, за да опстане државата, да се интегрира во европското семејство и да живее по европски терк и стандарди!

Манчо Митевски

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Популарно

Горе