Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Корупцијата „ убива “ во Перу

designer491/Bigstock.com

Корупцијата „ убива “ во Перу

Поранешниот перуански претседател Алан Гарсија ( 69) се самоуби во својата куќа во Лима , во моментите кога полицијата дошла да го уапси . Гарсија кој на два пати беше претседател на оваа јужноамериканска земја ( првиот пат 1985-90 и вториот пат 2006-2011 година ) беше обвинет за корупција и примање поткуп од бразилската градежна фирма  „Одебрехт “ .

Во полициското соопштение се вели дека Гарсија ги примил полицијата и инспекторите , но побарал од нив да му остават време да се облече и влегол во својата работна соба . Веднаш потоа се слушнал истрел , а полицајците го нашле неговото безживотно тело , со прострелна рана во главата . Подоцна , властите објаснија дека екс претседателот починал во болницата , веднаш откако бил донесен .

Веста за самоубиството ја шокира домашната јавност и ги разгневи неговите приврзеници . Тие се собрале пред неговата куќа , изразувајќи им подршка – нему и на неговата левичарска револуционерна партија – обвинувајќи ги властите за она што се случи . Неговите гласачи и тој самиот , од почетокот на избувнувањето на корупциската афера , тврдеа дека Гарсија е „ невин човек“ и дека сите обвинувања се „ политички мотивирани “ и претставуваат „ реваншизам на актуелниот претседател и неговата влада “.

Неуспешно бегство

Перуанското обвинителство , меѓутоа , е категорично – поранешниот шеф на државата има земено пари од бразилската компанија , за да таа ја добие големата и скапа зделка за изградба на нови линии за подземната железница во главниот перуански град Лима . Поткупот се случил за време на неговиот втор претседателски мандат .

Гарсија настојуваше по секоја цена да не оди на суд , каде многу е веројатно ќе беше и осуден , па во ноември минатата година, кога Обвинителството и формално го прогласи за обвинет , тој побегна во зградата на амбасадата на Уругвај во Лима каде побара политички азил . Во барањето за азил има наведено дека е невин и дека  е жртва на „ политички прогон“ . Остана во мисијата неколку денови , но влаадата во Монтевидео на крајот одлучи да не му овозможи да и избега на правдата , не му даде азил и побара од него да ја напушти зградата на уругвајската амбасада .

Постапката на Гарсија е безмалку идентична со онаа на поранешниот македонски премиер кој и побегна на правдата , откако беше легално осуден , сокривајќи се преку граница , во Унгарија . Но за разлика од уругвајските власти и тамошниот претседател кој го одбија Гарсија и не му веруваа во „ аргументите “ дека е прогонуван од актуелните власти во Перу , уште јавно порачувајќи му да се соочи со правдата , Унгарците и покажаа на целата ЕУ и на светот дека не се како Уругвајците .

Унгарците не се Уругвајци

Заедно со вмровската партиска структура , новопоставениот лидер , како и со вмровската оператива се уште притаена во безбедносните структури , Унгарците му овозможија на осуденикот – екс премиер од Македонија ,  бегство преку три држави (Албанија , Црна Гора и Србија ) , секаде помогнат од локалните тајни служби , под закрила на унгарски дипломати,  да биде префрлен до Будимпешта .

Се покажа дека на Балканот и во сите овие четири држави , каде има многу корупција , осудениците – политичари имаат поинаков третман од „ обичните осуденици “ , па затоа тие лесно може да и избегаат на правдата , измислувајќи приказни дека „ им бил загрозен животот “ . Гарсија , исто така , се обидуваше да се извади од ситуацијата , предупредувајќи дека животот му е во опасност , но ниту Уругвај , а ниту било која друга земја , беше спремна да заштитува криминалци , без разлика ( како во случајот на Гарсија ) што тој на два пати беше претседател на држава .

Во меѓувреме , отакако виде дека од сите е напуштен , се врати во Лима и во својот дом  велат , чекал да биде уапсен . Нема да се разбере , дали тоа што си пукал во главата е знак дека немал храброст да одговара за тоа што зел поткуп од Бразилците , или прифаќање дека е подобро да биде доблесен ( ?) , индиректно признавајќи ја вината , или , пак , за да остане запаметен како некаков „ маченик“ меѓу своите политички симпатизери , што со оглед на се , изгледа како најблиску точниот заклучок . Како и да е , излегува дека на овие балкански простори нема такви „ јунаци “ . Овие балканските , само гледаат како да им се овозможи да бидат помилувани , или дури и да може да се вратат на своите стари позиции – како ништо да немало !

Случајот „ Одебрехт“

Самоубиството на Алан Гарсија , особено што доаѓа во едни вакви околности  ,од друга страна , уште еднаш , го отвора случајот на бразилската компанија „ Одебрехт “ која е , како ретко која друга фирма во Јужна Америка , но и низ светот , толку длабоко заглибена во давање поткуп и во корумпирање на политичари и тоа на високи позиции , во еден подолг период.

Фирмата е создадена уште во четириесетите години на 20 век во Бразил и во својот развоен пат  таа се претвора во гигант во градежништвото , посебно во изградбата на големи комуникациски проекти , работејќи дури и на Блискиот Исток и во Азија . Работите се изменија во 2015 година , кога бразилската полиција го уапси претседателот на нејзниниот управен одбор Марсело Одебрехт . Тогаш се појави другата слика за бразилскиот гигант , за тоа дека компанијата редовно давала пари за да ги добива проектите во вредност од милијарди долари , па така се разбра дека за една година , има исплатено за поткуп 800 милиони долари , во сите земји од Латинска Америка , каде била вклучена во некаков поголем проект .

Марсело на почетокот ги отфрлаше сите обвинувања , но во 2017 година се одлучи да се спогоди со обвинителите и да „ пропее “ , по што првичната казна од 30 години затвор му се намали на десет години , а потоа наместо во затвор , му беше определен домашен притвор . Токму Одебрехт откри колку е раширена и колку е длабока корупцијата на целиот латино-американски континент . Обвинителите во Бразил , но и во другите земји , како Аргентина , Перу , Колумбија , почнаа да откриваат афери во кои политичари имаат земано поткуп од оваа компанија .

Поткуп за четворица екс претседатели

Во Бразил , иако во еден друг корупциски случај , беше уапсен и осуден на 13 години затвор популарниот поранешен претседател Лула да Силва . Сега истраги има за поранешниот гувернер на Сао Паоло и  претседателски кандидат . „ На тапет“ е ставен и претседателот на бразилскиот Врховен суд , а истрага е отворена и за Спикерот на бразилскиот Конгрес  (Парламентот) кој важи за еден од најмоќните Бразилци ,  сега уште задолжен за покренување реформи во државата .

Поранешниот претседател на компанијата , Одебрихт има откриено дека биле потплатени 39 бразилски конгресмени ( пратеници ) . Фирмата имала специјален оддел за „ структурни операции “ чија единствена задача била да ги исплатува корумпираните функционери ,  а бил создаден и посебен компјутерски софтвер – таен програм – што ги сокривал сите вакви криминални трансакции.

Перу , сепак , е посебен случај и велат дека е земја која е најмногу зафатена со корупција . Дури четворица поранешни претседатели и лидерот на опозицијата , се осомничени , или обвинети дека земале поткуп од „ Одебрехт“ . Освен сега починатиот Гарсија , обинение има и за Алехандро Толедо , претседател од 2001 до 2006 година , кој пред да биде уапсен побегна и сега е во САД , чекајќи ја разврската околу неговата екстрадиција .  Истрага е покрената и за поранешната претседателка Оланта Хумала која ја водеше земјата меѓу 2011 и 2016 година . Таа неколку месеци помина во затвор .

Кучински од затвор во болница

Минатата година , Педро Пабло Кучински кој го започна својот мандат во 2016 година , веќе во 2018 поднесе оставка , за да не биде покренат импичмент против него , затоа што сокрил дека претходно имал земано пари од „ Одебрехт“ . Минатата недела тој беше уапсен , но сега е во болница , каде велат се бори за животот , по претрпен срцев удар .

Уапсена беше и лидерот на опозицијата Кеико Фуџимори , обвинета дека земала 1,5 милиони долари од бразилската компанија , за својата изборна кампања . Обвинувањата остануваат , а таа се брани од слобода , тврдејќи дека е невина и „ жртва на политичка одмазда “ . Таа е , инаку , ќерка на некогашниот перуански претседател Алберто Фуџимори кој и самиот издржува долгогодишна затворска казна – за корупција и за злоупотреба на човековите права кон затвореници .

Сите четворица екс претседатели и опозиционерката биле поврзани со „ Одеберхет“ од каде земале пари за себе , или за партијата која ја предводат , договарајќи се , или ветувајќи и на компанијата дека ќе добие некоја голема по обем и по вредност државна зделка , за некаков скап комуникациски проект . Тоа ги има  направено сите да бидат богати , но полни со пари да бидат и нивните партии кои преку богатството си обезбедувале силна позиција во јавноста и можност полесно да се победи на изборите .

(Д.П.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе