Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Премиер со 600 милиони гласачи

Kremlin.ru

Премиер со 600 милиони гласачи

Во Индија се одржаа редовните парламентарни избори на кои уверливо победи партијата Баратија Џаната (БЏП) на актуелниот премиер Нарендра Моди. Тој уверливо победи и на изборите пред пет години, но на овие, не само што го зачува мнозинството, туку и го зголеми бројот на пратениците за неговата партија, обезбедувајќи простор за апсолутно мнозинство со сродната алијанса при правењето коалиција.

Во новиот состав на Лок Сабха (индискиот Парламент) Џаната партијата ќе има 303 свои пратеници и уште 47 од десната алијанса. За формирање влада на една партија, или на коалиција од партии, потребни се најмалку 272 пратеници, од 543 колку што брои Парламентот во Њу Делхи.

Главниот конкурент на Моди и на БЏП, барем според проценките пред изборите, Конгресната партија, што сега ја предводи Раул Ганди, доживеа уште еден понижувачки пораз.

Тежок пораз за Раул Ганди

Иако со освоените 52 пратенички места, постигнат е резултат кој е подобар од оној во 2014 година кога беше забележан катастрофален пораз, оваа некогаш водечка политичка сила во Индија, творба на политичката династија Нехру-Ганди, и по овие избори продолжуваа да егзистира во длабока криза.

Со својата алијанса од партии, прашање е дали партијата на најмладиот Ганди на крајот ќе може да смета на 100 пратенички места, што и натаму ја остава на маргините на индиската политичка сцена.

Ситуацијата за младиот лидер, син од бракот на убиениот поранешен премиер Раџив и на Соња Ганди, внук на Индира Ганди и правнук на првиот индиски премиер Нехру, уште повеќе станува тешка, затоа што тој не успеа да го постигне она што лесно им успеваше на сите пред него од династијата Нехру/Ганди, вклучувајќи ја и мајка му Соња, инаку родена Италијанка.

А тоа е да го обезбеди и сочува пратеничкото место на Конгресната партија во една изборна единица во сојузната држава Утар Прадеш, најнаселената во Индија. Беше поразен од една актерка која се преквалификувала како политичар и тоа за партијата на Моди.

Шестнеделно гласање

Индиската парламентарна демократија по многу нешта е единствена во светот. Во земјата која има повеќе од 1,1 милијарда население, се регистрирани безмалку 900 милиони гласачи. Изборите траат цели шест недели (или точно 42 денови), а на годинешново гласање, што почна на 11 април, а заврши дури на 19 мај, учествувале 600 милиони гласачи! Поразените Ганди и Конгресната партија го признаа поразот уште пред да бидат соопштение резултатите, а колку засега се знае, нема некои позначајни приговори околу изборниот процес.

Старо-новиот премиер Моди воодушевено во Њу Делхи ги поздрави своите симпатизери и поддржувачи, означувајќи ја уверливата победа како историски успех за Џаната. „Сите ние сакаме една нова Индија и јас длабоко им се поклонувам на сите кои ни ја дадоа големата поддршка на овие избори“ – рекол Моди.

Победата и нов петгодишен мандат за БЏП и за Моди се очекуваше, но според индиските аналитичари не и ваков триумф. Особено што Индија и нејзината економија се соочуваат со сериозни проблеми.

Индија влегува во економска криза?

Во земјата расте невработеноста и веќе има достигнато рекордни височини, а приносите и приходите од фармерите опаѓаат. Стравот од рецесија е се поголем, а сите економски прогнози навестуваат пад и на индустриското производство. Освен тоа, голем број Индијци се гневни на владата затоа што се погодени со законот за потекло на имотот, но ништо од ова не ги поколеба гласачите, својот глас да му го дадат на Моди.

Домашните аналитичари веруваат дека ваквиот успех треба да се бара во неговата национална реторика за Хинду политиката и посебно на тоа што во кампањата доминираше безбедноста на земјата и заканите од надвор, колку и да тие не се такви за да доведе во прашање опстанокот на земја каква е Индија. Повеќе се верува дека за успехот е заслужна неговото инсистирање на религиозната поларизација и владините програми за социјална заштита.

Тешко поразениот Ганди за медиумите има изјавено дека тој (засега) не може да каже што беше она што му овозможи на Моди не само да победи, туку и да управува со државата мирно, не стравувајќи од политички потреси.

“Моди не испорача ништо од она што го ветуваше пред пет години. На Индија сега и е полошо отколку во 2014 година, но луѓето и натаму му веруваат“

…рекол Раул Ганди. Така или не, она што сега му претстои на “политичкиот принц“, како што го нарекуваат приврзаниците на БЏП, тоа е тешката битка за да остане лидер на партијата што ја има формирано уште легендарниот индиски политичар Нехру, а која сега се бори за својот политички опстанок.

(Д.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе