Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Џонсон : За Halloween надвор од ЕУ !

Golden Brown/Bigstock.com

Џонсон : За Halloween надвор од ЕУ !

Борис Џонсон, поранешен градоначалник на Лондон, екс шеф на британскиот Форин Офис и некогашен новинар, останува фаворит во трката за лидерската позиција на Конзервативната партија, како и за иден премиер на Велика Британија, наспроти неговиот противкандидат, актуелниот британски министер за надворешни работи, Џереми Хант, кој успеа во последен момент да обезбеди место за себе, за конечниот избор, што инаку треба да го направат 160 илјади членови на партијата.

Џонсон одамна ги покажува своите амбиции да стане премиер. На тој пат ,  го растури сојузништвото со поранешниот премиер и другар од студентските денови  Дејвид Камерон, откако не доби гаранции дека тој, а не некој друг ќе биде определен за наследник на лидерската позиција кај ториевците. Максимално ја искористи одлуката на Камерон да го отвори „ европско прашање“, а потоа и референдумот и целиот процес за  Брегзит за антиевропските позиции, претставувајќи се себе си како лидер на Брегзитот. Низ тој процес Џонсон ги елиминираше своите потенцијални противници и противкандидати за Даунинг стрит 10, војувајќи против Меј од самиот почеток на нејзиниот избор за партиски лидер и премиер, иако јавно постојано и даваше подршка, додека на крајот не ја собори со помош на своиоте истомисленици и подржувачи.

Брегзит без договор

Хант, пак, ни од далеку не е таков играч како Џонсон . Тој важи за  лојален ториевец кој ја прифаќа секоја работа што ќе му биде доделена, па во овие девет години ториевска власт, првите пет во коалација со либералдемократите, а потоа сами, по редовните избори од 2015 година. Хант работеше со двајца премиери ( Камерон и Меј) и беше на неколкупати опфатен со бројните владини реконструкции- како министер за култура, па за здравство, а сега и за надворешни работи. Во неговиот приватен живот нема скандали, нити досега околу него била подигната врева, освен што како министер за здравство беше критикуван што не направил ништо околу постајните реформирања на јавното здравство, инаку омилена тема во британската политика.

За Џонсон, меѓутоа, постојано нешто се зборува и пишува. Како околу неговите контроверзни изјави, одлуки и решенија, така и околу приватниот живот. Сепак, остана популарен во редовите на пратеничката група на ториевците и тоа го направи фаворит во сегашната изборна трка, иако е наспроти вкусот, барањата и потребите на Британија за наследник на Меј кој треба – прво, да ја среди сопствената партија, да ја обедини земјата и да ја заврши работата со Брегзит. Неговите приврзеници велат дека тој може тоа да го направи. Самиот постојано уверува дека ќе ги задоволи сите овие барања, без разлика што се она што досега го има направено, не му оди во прилог.

Стана тврд брегзитер и отворено се залага за излез од ЕУ, без договор со Брисел. Го користеше ултрадесничарењето и национализмот на Најџел Фараж и неговата војна со ЕУ, од каде зема плата , како европратеник уште додека ја водеше малата маргинална антиевропска партија УКИП. Џонсон, со лажни и измислени „ податоци“ ја водеше кампањата за излез од ЕУ, а пред референдумот даде една „ страшна“ изјава за Унијата, споредувајќи ја ЕУ со хитлеровиот проект за „ нов поредок“ во Европа, што како дипломец од Оксфорд, историчар и политичар не му доликува, а на крајот стана и предводник на партискиот пуч против Меј.

„Големо и разгалено дете’

За него велат дека беше лош министер за надворешни работи, успевајќи само да ја раскара Британија со сите свои сојузници, но му стана најомилен политичар на американскиот претседател Доналд Трамп, кој од свои американски сметки војува со ЕУ, како и да се зближи со поранешниот трампов советсник за стретешки прашања , Стив  Бенон, ултрадесничар кој низ Европа бара сојузници за растурање на ЕУ, со помош на европските националисти, популисти и ултрадесничари.

Џонсон изминатите десетина денови стана цел на медиумскиот интерес ( уште еднаш во врска со приватниот живот),  откако се разбра дека лондонската  полиција била повикана да интеревенира во куќата на неговата, веројатно ( четврта) сопруга, по премногу бучната и гласна нивна расправија во „ ситни часови“ во која, како што се тврди, а има и докази, имало навредување, крикови и кршење на предмети. Соседите на идната госпоѓа Џонсон,  успеале да направат тонски запис за бурната караница, на кој се слуша како неговата сегашна партнерка му вели да си оди од нејзината куќа, навредувајќи го дека се однесува како „ едно големо и разгалено дете“ од 53 години, по што кон него (?) или кон ѕидот,  полетал лаптопот на младата жена.

Јавноста бараше одговор од Џонсон што тоа се случувало, но тој, со помош на нему наклонетите весници успеа да ја смири атмосферата и на крајот, сепак, да остане во изборната трка, уште и како фаворит во однос на „ мирниот и доверлив“ Хант, зад кого застанаа многу угледни конзервативци, министри и високи функионери од минатите влади, но и од последната на Тереза Меј.

Ноќта на вешерките

Џонсон одби дебата со Хант на тв, кога беше најжешко, а потоа прифати интервју во кое се труди да се прикаже себе си онаков, каков што Британците велат дека  не е и не може да биде.

Во разговорот тој признава дека за завршување на Брегзит е потребна соработката со ЕУ, за да се избегне тврдо решение за ирската граница, за идната трговска тарифа и за тоа да „ разводот со Брисел“ да не помоне без никаков договор. Сега ( пак) уверува дека тој не е приврзеник на напуштање на Унијата без да се договори со ЕУ, но е категоричен во едно – На “Halloween” (во Ноќта на вештерките), или на “ Денот на мртвите“ ( а тој се паѓа на 31 октомври) , Велика Британија ќе излезе од ЕУ- без разлика дали ќе има постигнато договор, или не.

Ваквата цврста и непоколеблива позиција, додека се уште трае изборната кампња, го прави популарен во ториевските антиевропски кругови, меѓу најтврдите десничарски брегзтери во партијата и кај дел од англиските евроскпетични гласачи, но кај умерните конзервативци и кај проевропскиот дел од партијата, тоа е само уште една потврда дека земјата, со влада која Џонсон би ја предводел, би ја одвело во целосна економска, финански и политичка неизвесност- затоа , што според нив , тоа значи излез од ЕУ, без договор.

„Договорот на Меј со ЕУ е мртов“

Тој уверува дека тоа не е така. Според  него, договорот на Тереза Меј ( и нејзината влада) со ЕУ за Брегзит, постигнат во ноември 2018 година и веќе прифатен од Унијата, е- мртов. Затоа, тој најавува дека како премиер ќе започне процес за нови преговори, за нов договор и за тоа работите да завршат уште пред крајот на октомври- односно, пред „ Ноќта на вештиците“ . Кој во ова сценарио на Џонсон ја има вештерската улога, не се знае, или барем треба да се насети од циничната насмевка на овој британски политичар, но разумната и умерена британска јавност, едноставно, не верува во она во што Џонсон ги уверува.

Впечаток е дека станува збор за „ контроверзно коцкање“ на Борис Џонсон околу тоа дека ќе обезбеди нов договор, како и дека ќе го уреди најспорното прашање околу ирската граница, кога не само Европската комисија, туку и сите во ЕУ, се категорични дека неможе да има нови преговори. Брегзит е договорен и само треба Британците, пред се, дел од нивната Конзервативна партија, да прифати ратификација- одамна порачуваат од Брисел.

Џонсон ги отфрла ваквите забелешки и притоа само покажува дека е близок со Бенон, со неговата „ црна ( ултрадесничарска ) Алијанса“ и со неговите ултрашки позиции , уверувајќи дека Брисел ќе прифати нов дил (!?) затоа што се „ сменила политичката панорама во Европа“ по последните европски избори!

„ Кај нас, во Британија не е исто како до 29 март ( првичниот термин за Брегзит), а работите и состојбите се многу променети и на континентот“- уверува Џонсон, сметајќи на влегувањето на крајната десница, на националистите и популистите во Парламентот во Стразбур, во поголем број од досега.

Студена реакција на Брисел

Ветува закон ( по брза постапка) за прифаќање на државјаните на ЕУ на британска територија ( околу 3,2 милиони) , бара одржување „ статус-кво“ за трговските врски, додека не се постигне договор за слободна трговија и им сугерира на европските политичари да го сменат својот , досегашен  „ тврд став“ , цинично порачувајќи им дека само така ќе може да ги добијат оние 50 милијарди евра, ветени со договорот за „ разводот“ меѓу Лондон и Брисел.

Џонсон уште ветува дека „ има решение“ и за ирската граница, но кога тоа решение ќе му се побара, тој открива дека нема ништо и дека се сведува на некакви неиспитани, непознати технолошки иновации за граница која би се контролира без цариници, што неговите критичари велат дека е „ будалеста работа“ и премногуглупава, дури и за еден Борис Џонсон.

Во Лондон е забележливо молчењето на Брисел на сите овие пораки на фаворитот за нов британски премиер.

Ова не е резултат само на актуелниот период на транзиција во кој се наоѓа Европската комисија и ЕУ, по европските избори. Брисел е пред именување на новите највисоки европски функционери и пред конституирањето на Парламентот во Стазбур. Меѓутоа, кога станува збор за пораките и ветуваањата на еден Џонсон, во Брисел остануваат студени, не криејќи дека не му веруваат, не сакајќи да полемизираат со него ( или со било кој кандидат) на ториевците додека тие , најпосле, не стават ред во својата партија, не сакајќи притоа, да му помагаат на Џонсон во неговата антиевропска кампања, секако, и не заборавајќи ги неговоте навреди кон ЕУ, кон европската идеја и кон целиот европски проект.

Останува до 23 јули, за изборот на наследник на Тереза Меј да одлучи една минијатурна група партски луге , во однос на британското гласачко тело, во земја со над 62 милиони жители. Тоа не е ниту малку демократски, па Џонсон, или Хант, сеедно, ќе немаат мандат за радикални решенија кои ќе се однесуваат на сите Британци. Посебно не за излегување од ЕУ без договор, што ќе мора да помине низ Парламентот во Лондон, каде се верува дека ќе биде соборен. Политичкиот ветеран, ториевецот Кенет Кларк , веќе најавува дека ако Џонсон ( како премиер) се осмели тоа да го протурка, тогаш ториевците ќе мора да ја соборат во Парламентот сопствената влада и да изнудат нови избори!

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе