Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Русија прави „двојник“ на ЕУ?

barnaul/BigStock.com

Русија прави „двојник“ на ЕУ?

Официјална Москва се подготвува за тоа некогашните советски републики, собрани во Заедницата на независни држави (ЗНД) уште повеќе економски да се интегрираат, создавајќи единствен финансиски пазар.

Таквиот план прв го соопшти рускиот претседател Владимир Путин, на состанокот на шефовите на државите од оваа заедница. Според Путин, земјите на ЗНД мора да се заштитат од валутните ризици со кои се соочуваат во условите на сегашните веќе распалени трговски војни, сугерирајќи го како решение единствениот финансиски пазар.

Рускиот претседател рекол дека пресметките во националните валути на земјите-членки на ЗНД не овозможуваат сигурна заштита од валутните ризици, посебно во услови на актуелните глобални трговски превирања.

Путин смета дека земјите од заедницата, затоа, мора да ја координираат валутната политика, а потоа и да се определат за формирањето на заеднички финансиски пазар.

СССР во мало

Тоа според рускиот претседател, е единственото што би можело да ја зголеми конкурентската способност на сите земји членки.

ЗНД е всушност, некогашниот Советски Сојуз во мало, затоа што е заедница составена од најголемиот број држави кои излегоа од СССР, по неговиот распад. Заедницата е создадена во 1991 година со посебна спогодба меѓу Русија, Украина и Белорусија кои и се договорија мирно да се распадне дотогашната советска држава.

Како и во советско време и заедницата е предводена од Русија, а во неа членуваат и Азербејџан, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. Грузија во ЗНД влезе во 1993 година, по практичното отцепување на Абхазија која уште веднаш по распадот на СССР соопшти дека не сака да остане во рамките на Грузија, туку да продолжи да биде заедно со Русија.

Трите земји од Балтикот одбија да се приклучат, па ЗНД стана заедница на 12 од вкупно 15 поранешни советски републики.

Нова „братска дружба“

Изгледаше дека овој модел на заедништво ќе може да функционира, особено што во годините по распадот на дотогашната федерација, сите поранешни републики, сега независни држави беа економски силно зависни една од друга. ЗНД затоа на почетокот изгледаше дека полека ќе прерасне во поранешниот комунистички СЕВ во кои членуваа сите источноевропски држави, но сега само во рамките на поранешниот советски простор.

Потоа, за ЗНД се зборуваше како за пандан на тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ) на Западот, со таа разлика што ЗНД ќе ја предводи Русија која преку заедницата одново би имала контрола врз своите поранешни „ братски“ републики.

Работите, меѓутоа, почнаа брзо да се растураат, откако избувнаа недоразбирања, а потоа и судири меѓу земјите-членки. Прво, меѓу Ерменија и Азербејџан околу провинцијата Нагорно Карабах. Потоа, дојде до силно заладување на односите меѓу Москва и Тбилиси, на почетокот околу руската поддршка за отцепената Абхазија, а подоцна, во 2008 година и за Јужна Осетија, кога по руската воена интервенција врз грузиската територија, Грузија ја напушти ЗНД.

Каква интеграција

Конечно, најновиот судир и воен и политички на Русија со Украина, по анексијата на Крим во март 2014 и воената интервенција во Источна Украина, по што властите во Киев немаат никаква контрола врз Донецк и Луганск.

Експертите се засега поделени околу последниот предлог на Путин за поцврсто интегрирање на земјите од ЗНД, за тоа дали оваа заедница би се претворила во нешто како Европска заедница на просторот на поранешниот СССР, уште и засилена и со финансиско поврзување во пазар кој, всушност, би бил она што на континентот е еврозоната.

Тоа според западни експерти би било реализирање на дамнешниот план на Владимир Путин, уште кога беше определен од Борис Елцин да биде руски премиер, за ревитализација на некогашниот Советски Сојуз. Со или без една Украина, каква и таа да остане во иднина и со (или без) Грузија која како стојат работите ќе мора да прифати дека две нејзини области- Абхазија и Јужна Осетија не се одамна нејзини- и двете Русија ги признава како посебни, независни држави.

(Г.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе