Грчката црква ја призна автокефалноста на украинската
Синодот на Грчката православна црква (ГПЦ), на вонредна седница, го поддржа барањето на Вселенската патријаршија за прифаќање на автокефалноста на Украинската православна црква (УПЦ).
Ерахијата што ја сочинуваат 80 владици одлучија да ја прифатат новата православна црква. Седуммина митрополити на седницата барале да се одложи донесувањето на одлуката, но тоа барање не поминало, па после излагањето на поглаварот на грчката црква, архиепископот Еронимос кој барал да се прифати решението на Вселенската патријаршија, тоа поминало со акламација.
Во одбрана на Вселенската патријаршија
Атинскиот весник „Катимерини“ тврди дека архиепископот Еронимос на состанокот на Синодот бил известувач, а тоа, кога станува збор за ГПЦ, се случувало мошне ретко, па затоа се смета дека станува збор за одлука од посебна политичка вредност и со јасна порака за поддршка на Вселенската патријаршија во Константинопол.
Според весникот тоа треба да биде порака „пратена на сите страни“, што се смета дека е упатена пред се кон Москва и Руската православна црква (РПЦ) која остро се спротивставува на признавање на независноста на украинската црква и на Српската црква (СПЦ) која одлуката на Константинопол ја оцени како грешка.
Претходно, за украинската црковна независност се согласиле два надлежни одбори на Синодот кои и формално предложиле ГПЦ да ја прифати автокефалноста, како што тоа било сторено и во времето на повторното формирање на православните цркви во Албанија и Чешка.
Груба реакција на РПЦ
Според атинските медиуми, архиепископ Еронимос рекол дека Украинската црква „од секогаш била во надлежност на Вселенската патријаршија“.
Така, меѓутоа, не мислеше и порано, а и сега РПЦ и нејзиниот црковен врв кој невообичаено грубо и нетипично кога станува збор за црквата се огласи со осуда на одлуката за автокефалноста на УПЦ и објави дека ги прекинува односите со Константинопол.
Српската црква, пак, од своја страна уште тогаш се огласи со посебно соопштение во кое порача дека одлуката за Украина, би можела да ги покрене „апетитите на расколничките цркви“ во Црна Гора и во Македонија и тие да бараат независност и автокефалност.
СПЦ притоа ги повтори старите ставови за тоа дека „таквите барања нема да поминат“.
Во Белград се инсистира дека Црногорската црква е само дел од Српската, а за Македонската православна црква дека може да добие само автономија, но не и независен статус.
За тоа СПЦ и порано и сега ја има силната поддршка на Руската православна црква.