Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија: Фудбалските хулигани врзани со крајната десница

Belish/BigStock.com

Бугарија: Фудбалските хулигани врзани со крајната десница

Октомвриските инциденти на група бугарски навивачи-хулигани за време на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Бугарија и на Англија, на кој имаше расистички навреди кон црните фудбалери кај Англичаните и антисемитизам, проследен со нацистички поздрав кон гостите, во европската јавност беше примен со длабока вознемиреност.

Прво, во европската фудбалска асоцијација, која очигледно не знае како да го разреши проблемот со расистичкото навивање на стадионите, иако софискиот случај не е прв, не е осамен и се јавува по европските стадиони и на домашните натпревари, а потоа и во политиката, затоа што расизмот, антисемитизмот и ултра-десничарењето стануваат проблем на Европа и на ЕУ.

Овие ултрашки однесувања на, како што обично се вели „заведени млади луѓе“ веќе е очигледно дека се многу повеќе од тоа – затоа што ја покажуваат состојбата со духот во едно општество, како и движењето на политиката во секоја земја.

Срамотење на државата

Како и повеќе други вакви инциденти, минатомесечните софиски настани се разрешија по истата формула – УЕФА ја казни бугарската репрезентација, која веќе беше претходно казнета за исти вакви инциденти. Домашните власти, пак, побараа и добија оставка од првиот човек на бугарскиот фудбалски сојуз и се извинија за инцидентот, означувајќи го тоа како срамотење на државата.

Софиските аналитичари – и спортските и политичките, меѓутоа, ги прифатија случувањата на репрезентативниот дуел на Бугарија и Англија како веќе видена состојба. Може и да се разбере тоа, кога се знае дека бугарската селекција не е првпат казнета за хулиганство и за расистичко навивање на нејзините „навивачи“.

Една таква казна била изречена во 2011 година, за расистичко навредување на гостински фудбалери, а во април 2013 година, уследила и построга казна кога група навивачи на софискиот клуб „Левски“ истакнале голема парола со која му го честитале роденденот на Адолф Хитлер. Во минатата година, овој клуб беше казнет кога негови навивачи поздравуваа со нацистичкиот (хитлеровски) поздрав, додека на градите имаа исцртано кукасти крстови.

Широко раширен расизам

Овој пат, неколку демократски институти и проевропски центри одлучија да се позанимаваат повеќе со овие појави во бугарскиот фудбал, согласувајќи се дека тие се појави во бугарското општество, што пак, покренуваат низа длабоко-социјални прашања за тоа што навистина се случува во оваа земја, која по 45 години комунистички режим и советска контрола, од 2007 година е членка на ЕУ, а пред тоа и на НАТО.

Едно истражување направено пред неколку години во Софија, покажало дека постои широко развиен расизам меѓу бугарските фудбалски навивачи. Истражувањето открило дека младите Бугари мразат црнци, пред се, потоа Турци, иако станува збор за најголемата и најбројна малцинска, етничка заедница во Бугарија, како и Арапи.

Велат дека анкетата била правена меѓу навивачите и навивачките групи, но тие не се изолирани група во бугарското општество. Тие дел од него живеат, се школуваат и работат. Тие се дел од бугарските семејства, или самите имаа свои семејства, па затоа нивниот национализам и шовинизам, дополнет со расизам, секако, не е само за на стадионите, бидејќи тие млади луѓе омразата ја носат постојано со себе. На трибините, само се „испразнуваат“ и така “ослободени“ покажуваат какви се и како се определени.

„Навивачи“ на политички митинзи

Софиските експерти, затоа, веруваат дека навивачите се дел од политичката клима во земјата и од политичкиот спектар, оценувајќи дека тие се врзани за бугарските крајно-десничарски партии, групи и организации. Познато е и за полицијата дека овие „навивачи“ се користат на митинзите и на протестите на политичките партии од крајно-десниот блок, како и дека често тргнуваат во пресметки, напаѓајќи ги ромските населби, или населбите во кои живеат други помали, небугарски етнички групи.

Дел од експертите сметаат дека однесувањето на навивачите, сепак, не би требало премногу да се драматизира. Според нивните сознанија некои навивачи го прават тоа – за да заработат, уценувајќи ги клубовите! Тие, на пример, одат кај управите на клубовите и отворено ги предупредуваат- да платат определена сума пари, или ќе се соочат со инцидент, на расистичка основа, за што ќе добијат многу повисока казна, од парите кои се бараат со уцената!?

Ваквата теза некои експерти ја објаснуваат со однесувањето на навивачите во домашното првенство. А тоа е дека истите тие кои се спремни да предизвикаат инцидент на некој репрезентативен меч – не скандираат расистички против домашните „црнци“, односно против црните фудбалери кои играат за главните софиски клубови – „Левски„ и ЦСКА.

Толерирање на омразата

Повеќето анализи, сепак, тргнуваат од состојбите во бугарското општество при објаснувањето на сите расистички, или антисемитски инциденти.

Тие тргнуваат од тоа дека во Бугарија „постои проблем да се комуницира со Ромите“ на кои се гледа како на луѓе од втора категорија.

Таков одбоен и понижувачки однос, без малку од целата јавност, се покажува и кон бегалците, посебно од Блискиот Исток и од Африка, или Азија. Затоа и „обичните“ луѓе кои не се врзани за навивачите, ниту пак одат на фудбалски натпревари, не сметаат дека „децата“ по стадионите треба да се судат за она што го прават. Дури и кога се користат за политички цели на крајната десница.

Тоа е веќе она што ги загрижува експертите кои се залагаат за изградба на едно толерантно, демократско и либерално општество. А, основа за загриженост има по ултрадесничарскиот марш низ улиците на Софија на бугарската крајна десница и на разните домашни пронацистички групи, за да се одбележи смртта на бугарскиот нацистички политичар од триесетите години на 2о век, Христо Луков.

Во февруари оваа година, домашните пронацисти и нивни гости од Германија и Унгарија, со запалени факели во рацете му оддаваа почест на овој поранешен министер за војска на царистичка и пронацистичка Бугарија, убиен од бугарските партизани во февруари 1943 година.

За толпата неонацисти Луков беше бугарски херој кому тие и сега му се восхитуваат.

(Д.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе