Коронавирусот- ризик за економскиот раст
„Можноста од избувнување американско-кинеска трговска војна полека бледее, но сега епидемијата од коронавирусот создава нова доза неизвесност, кога станува збор за планираниот економски раст“- изјави во Париз Кристин Лагард, претседател на Европската централна банка (ECB).
Ваквата изјава на поранешната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) би можело да значи менување на оптимистичките прогнози за состојбата во евро-зоната, која минатиот месец ги има дадено Лагард- сметаат некои европски аналитичари, но таа го отфрла песимизмот.
Лагард и натаму тврди дека Европската централна банка ќе ги задржи каматните стапки на ниско ниво и ќе продолжи да купува на финансискиот пазар. Според претседателот на оваа банка, купувањето девизи претставува автоматски, ефикасна стабилизација која значи подршка на евро-зоната.
Стравувањето од оддолжување на епидемијата во Кина и нејзиното влијание врз економскиот раст е глобално прашање. Загриженоста не е само во ЕУ, посебно во зоната на заедничката валута, туку од можни последици стравуваат и во САД.
Џером Пауел, претседател на Федералните резерви ( американска Централна банка) има речено дека САД со големо внимание се следат случувањата околу епидемијата од коронавирусот. За тоа телефонски разговарале и претседателот Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Јингпинг.
Кина во меѓувреме уфрли на пазарот дополнителни 173 милијарди долари за да се амортизира финансискиот шок од епидемијата, која тамошните власти се уште не можат да ја стават под целосна контрола.