Малта станува проблем за ЕУ
Најмалата членка во ЕУ, средоземниот остров Малта, продолжува да создава ситуации кои се вон сите стандарди на Унијата.
Станува збор за раширена корупција, непотизам и непочитување на прописите и правилата на ЕУ, за газење на стандардите на правната држава, за кои Брисел последниве години војува на истокот од континентот и ги притиска земјите – кандидати за членство да се претворат во држави како Швајцарија и Норвешка, на пример, за да добијат само датум за старт на преговарачкиот процес.
Анти-реклама за ЕУ
Секако дека стандардите за влез во Унијата треба да останат високи- на нивото кое е воспоставено во целиот процес на ширење на ЕЕЗ/ЕУ . Од март 1957 година, кога е создадена заедницата на европските држави, до 1 мај 2004 година, кога десет земји- осум од некогашниот комунистички свет на поделена Европа, како и Кипар и Малта, станаа дел од Унијата, мора да се брани блокот, заснован врз почитувањето на демократијата и човековите права, на принципите на правната држава, а против корупцијата и за почитување на европските правила и прописи.
Проблемот на ЕУ настана откако кај оваа новопримена група, 15 години по нивниот влез во овој елитен европски блок, почнаа да се случуваат работи кои се сосема спротивни на стандардите кои се бранат и се заговараат. Како во малечката Малта, на пример. Еден европски дипломат за Скопје/Глобал има признаено дека малтешките бранувања се негативна реклама за Унијата, посебно кога треба да се уверуваат земјите кандидати дека треба кај себе да ги елиминираат сите ситуации кои на овој остров се случуваат.
Најновото од Валета е дека полицијата на Малта има уапсено повеќе од половината (!?) сообраќајни полицајци – сите осомничени за измама.
Половина од сообраќајците- измамници
Дури 30 сообраќајци, од вкупно 50 колку што има припадници таа единица, се во притвор, затоа што повеќе од три години наплатиле милионски износи во евра- како прекувремена работа- иако не одработиле ништо над законски предвидените работни часови. Истрагата покажала и дека масовно се земало гориво од резервите на полицијата, платени со државни пари, за нивните приватни возила, што значи дека тие краделе и бензин и дизел гориво.
Интервенирал и новиот премиер Роберт Абела, но тој изразил задоволство што полицијата, воопшто, се зафатиле да се пресметува со криминалните состојби во своите редови.
Абела е на челото на владата од минатиот месец, по оставката на неговиот претходник, Џозеф Мускат кој се повлече поради големиот корупциски скандал и бројните финансиски малверзации.
Заложник на валкани пари
Случајот кој со години ја тресе Малта, без навестувања дека ќе може правно да се затвори и разреши, почна со избувнувањето на глобалната афера со т.н. Панамски документи, од 2016 година, а кулминира со бруталното убиство на локалната новинарка- истражувач Дафне Каруана Галиција, која ги истражувала случаите врзани за Малта, а споменати во документите.
Галиција беше убиена од експлозијата на бомба, поставена под нејзиниот автомобил, паркиран пред куќата во која живеела. Убиството предизвика силно бранување на малечкиот остров , покрена политичка криза и гневна реакција на Брисел и ЕУ, затоа што тоа покажа дека Малта се претворила во заложник на валканите пари кои минуваат, или кои таму се инвестираат.
Засега нема навестување кој навистина стои зад нејзиното убиство, а нема навестување и за судска разрешница на скандалот и на убиството, за кои се верува дека се меѓусебно поврзани.
„Мистериозна“ компанија
Претходниот премиер Мускат се повлече кога се разбра дека луѓе од владиниот состав и од неговиот кабинет, се поврзани со еден познат тамошен бизнисмен , сега осомничен и дека е соучесник во ликвидацијата на новинарката.
Според локалните медиуми тоа е Јорген Фенек кој во 2019 година беше идентификуван како сопственик на една „ мистериозна“ компанија, регистрирана во Дубаи.
На островот тој е познат како човек близок до некои малтешки министри и функционери. Компанијата на Фенек „ 17 Блек“ тајно им плаќала рекет на фирми кои за себе ги основале Кит Шембри , поранешен шеф на кабинетот на Мускат и на министерот за туризам Конрад Мизи.
Тие двајцата требало да му обезбедат на бизнисменот да ги добива владините тендери за најголемите проекти на Малта.
(В.М.)