Глезос- „борец против нацизмот“ но и против „Преспа“
Во една болница во Атина починал Манолис Глезос (97) грчки левичар и комунист, партизан и борец против нацизмот-јавуваат атинските медиуми, објаснувајќи дека ветеранот на грчката политика починал од проблеми со стомакот, како и дека неговата смрт не е поврзана со сегашната епидемија со коронавирусот.
Во поновата историја на Грција тој е познат како човекот кој на почетокот од нацистичката окупација,на крајот од мај 1941 година, на возраст од 19 години, заедно со еден другар, го има симнато нацистичкото знаме подигнато на јарбол на атински Акропол.
“Симбол на Европа“
За него, поранешниот француски претседател и генерал од Втората светска војна, Шарл де Гол има речено дека тој храбар гест во тогаш целосно окупираната Европа го прави Глезос „првиот првиот борец на отпорот против нацизмот“ кој ќе ги потикне и многу други храбри и слободољубиви луѓе да му се спротивстават на нацизмот.
Во тоа време, Глезос бил припадник на движењето на антифашистичката младина. Бил откриен и уапсен. Во текот на окупацијата уште на два пати бил апсен , но бил заторан и во текот на педесетите и шеесетите години на 20 век, кога грчката комунистичка партија (ККЕ) била забранета- прво за учеството во граѓанската војна, војувајќи со грчките монархисти за тоа какво да биде идното уредување- монархија, или левичарска, комунистичка република- а подоцна, од власта на воената хунта (1967-1974).
По падот на хунтата и враќањето на демократијата, Глезос станува дел од грчката демократска левица (ЕДА). Бил пратеник, во осумдесетите години и европратеник, заедно со социјалистите на тогашниот ПАСОК на Андреас Папандреу.
Против договорот Ципрас-Заев
Во 2000 година , веќе како ветеран во политиката тој се приврзува за партијата Сириза на Алексис Ципрас. Бил пратеник на оваа партија и европратеник. Има учествувано и во (насилните) протести против острите мерки за штедење , иако тие на крајот успеаја да ја извлечат Грција од длабоката финансиска криза и од заканата од целосен колапс на државата.
Во 2015 година се разделува со Сириза, откако тогаш веќе како премиер, Ципрас прифаќа и трет пакет со меѓународна помош , а тоа значеше уште мерки за ограничување на потрошувачката, иако претходно беше против. Подоцна таквото свртување ќе го објасни многу едноставно- „кога требаше да се определувам меѓу верноста кон идеологијата и партиската политика и државата , јас ја избрав државата“.
Глезос, меѓутоа, не само што излезе од Сириза, туку и целосно му сврте грб на Ципрас, определувајќи се и против историскиот договор од Преспа.
Предавство на сопствените принципи
Застана зад позициите на крајната десница и на Неа Демократиа , против кои војуваше како политичар целата своја кариера и зад анти-Преспа ставот на грчките комунисти кои секогаш биле повеќе националисти, отколку интернационалисти, како што би требало да им налага нивната идеологија. Напиша и текст против договорот на Ципрас и ( тогаш) македонскиот премиер Зоран Заев, иако цела демократска Европа го прогласија договорот како историско постигнување- за Балканот и за континентот.
Кога грчките комунисти , на Акропол, истакнаа голем транспарент – Охи ( Не) на Преспа- Ципрас во дебатата за договорот, во Парламентот во Атина, остро ги нападна токму комунистите, нарекувајќи ја нивната политика како дволична.
Во него , во еден час по историја, за тоа дека токму комунистите ги имаат убедено славомакедонците да влезат во граѓанската војна , на нивна страна, ветувајќи им почитување на нивната посебност, Ципрас ќе стане првиот премиер на Грција кој го отвори ова прашање и кој во Парламентот , практично, ќе го брани правото на луѓето да се сметаат за Македонци, ако тие така се чувствуваат.
Бившиот грчки премиер бранеше договор направен по теркот на европската демократија и на нејзините принципи, за што како европратеник се има застапувано Манолис Глезос.
(А.Г.)