Бугајски: ЕУ е единствената алтернатива
Американскиот експерт за Балканот, Јануш Бугајски инсистира дека за земјите од регионот н Западен Балкан нема никаква друга алтернатива, освен европската перспектива и членството во ЕУ.
Во разговор за весникот „Побједа“ од Подгорица, тој рекол дека Русија и Кина никако не може да бидат алтернатива за ЕУ, затоа што ситуацијата и во двете држави е далеку полоша. Прво и двете земји, а тоа сега веќе се знае, ја сокривале од сопствената јавност вистинската состојба околу глобалната пандемија- за тоа кога епидемијата се појавила и колкав и каков е нејзиниот обем. Втората работа е што и Москва, а и Пекинг настојуваат со лажни информации, со дезинформации и со создавање атмосфера на неизвесност, да предизвикаат депресивна состојба на европскиот простор.
Пад на цената на нафтата
Нивната основна цел со ваквиот настап е преку актуелната здравствено-епидемиолошка криза на континентот, да прикажат дека ЕУ и НАТО се непотребни и дека се ( наводно) пред колапс, нудејќи се, притоа, себе си како алтернатива.
Русија со некаква политичка творба, наречена „евро-азија“ , а Кина со засилената пропаганда дека без неа ЕУ не може да ја совлада пандемијата со коронавирусот.
Бугајски, пак, смета дека кога станува збор за Москва, таму се настојува да се прикрива и минимизира вистинската состојба околу вирусот, затоа што раширената зараза и зголемената смртност би можела да предизвика зголемување на незадоволството и отпорот кон Владимир Путин.
Особено со влошувањето на економската ситуација во Русија, ради глобалната рецесија која се очекува и поради драстичниот пад на цената на нафтата, што за Русите значи драстично намалување на приходите за државата.
Москва и Пекинг бескорисни
Рускиот претседател сега настојува да изгради за себе нов имиџ, слика на хуман и добар светски лидер кој помага во актуелната криза, но Москва никако не ќе може да ја замени ЕУ која единствено може да им дојде на помош. Прво за стабилизирањето на ситуацијата со пандемијата, а потоа и со економското опоравување.
Пекинг од друга страна и самиот ќе мора да се опоравува од тешката загува од вирусот, која се смета дека може да достигне и 70 милијарди долари.
Рецесијата по завршувањето на епидемијата , секако, не ќе може да го одмине и Западен Балкан. Земјите од регионот, како и целиот свет многу е веројатно ќе се соочат и со силен пад на Бруто-националниот производ (БНП) .
Во санацијата на нивната економија, како и во нејзиното покренување, може да помогне само ЕУ, па државите од Западен Балкан кој сите се во фаза на почнати, или на започнување на пристапните преговори, немаат никаква друга алтернатива, освен да останат врзани за Унијата, смета Јануш Бугајски.