Несакани дејства од лекот против Ковид-19
Американската актерка и продуцент Рита Вилсон (63), предупредува на, како што има речено, екстремните и несакани дејства што таа морала да ги издржи од лекот што го примала за да се излечи од коронавирусот. Таа е и првата која во исто време зборува и за болеста и за нејзиното лечење.
Вилсон е сопруга на холивудската ѕвезда Том Хенкс и тие двајцата на 12 март објавија на социјалните мрежи дека се позитивни на вирусот. Брачната двојка била инфицирана во Австралија, за време на снимањето на новиот филм на Хенкс и веднаш беа сместени во болница во градот Голд Коуст, во сојузната држава Квинсленд.
По опоравувањето се вратија во САД, а Вилсон во своето прво телевизиско интервју, зборувала за тоа како се чувствувала на почетокот од заболувањето, но и за лекувањето, а посебно за ефектите од лековите со кои била лекувана.
Треска и студенило
„Сето тоа започна откако наеднаш се почувствував исклучително болно. Сето беше крајно непријатно, што не сакав никој ниту да ме допре. А, потоа настапи треската. Во топлата Австралија мене ми студеше како никогаш до тогаш во мојот живот. Веднаш по тоа дојде високата температура од 39 степени, која ме следеше од моментот кога бев тестирана како позитивна на вирусот, па се до излекувањето, цели девет денови“ – изјавила Вилсон.
Во интервјуто таа објаснила дека и бил даван лекот „хлорокин“ што обично се дава при лекување на заболените од маларија. Овој лек, е сличен со „хидроксихлорокин“ кој пред извесно беше и официјално препорачан од американскиот претседател Доналд Трамп за лекување во САД на лица заболени од Ковид-19.
Двата лека се уште се испитуваат, но барем засега, нема научен доказ дека тие дејствуваат против вирусот.
„Мускулите не функционираа“
-Не знам како лекот дејствуваше врз мојата болест. Не знам ниту дали имаше, или немаше ефект, но после извесно време, треската исчезна – објаснувала актерката. Меѓутоа таа тврди дека лекот „има несакани дејства “, што нејзе и предизвикувале низа проблеми.
„Имав чувство на целосна одвратност и грозно гадење, но најтешко ми беше што бев немоќна и неспособна за било какво движење„ – објаснувала Вилсон.
Таа сега тврди дека имала чувство дека мускулите повеќе не и функционираат, дека се толку многу слаби. Затоа смета оти луѓето кои го даваат лекот би требало да бидат внимателни и да размислат за него кога им се дава на пациентите. Уште повеќе што сега и никој не знае дали тој е корисен за оваа болест.
Том Хенкс се има заразено со вирусот од својата сопруга, но кај него болеста се манифестирала во поблага форма.
Тој и порано беше отпуштен од болницата, откако и многу побрзо се има опоравено.