Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

СЗО: Не брзајте со укинување на карантинот

Ipek Morel/BigStock.com

СЗО: Не брзајте со укинување на карантинот

Неколку европски држави најавуваат олабавување на мерките за карантин, воведени по избувнувањето на пандемијата со коронавирусот – од почетокот, или од средината на мај.

Ваквите најави доаѓаат од некои од земјите на Скандинавија, а пред се, од Шведска, но и од Франција, од Шпанија, па и од Италија – државите кои најтешко се погодени од заразата – како според бројот на инфицираните, така и според високата смртност.

За Италија може и да се има мало разбирање, затоа што таму прв пат беа воведени строгите мерки на изолација и на затворање на цели региони – како во Ломбардија и во Венето, уште во времето кога во другите делови од континентот, потајно се мислеше дека „кинескиот вирус“ дојден од далеку во Европа, би можел да ги одмине.

Во некои делови од оваа земја, карантинот е во сила и повеќе од 40 денови, луѓето се фрустрирани и нивното трпение е на „работ на издржливоста“, како што тоа го опиша еден италијански весник.

Страв од долгата фрустрација

Владите го знаат тоа и стравуваат дека фрустрацијата може да излезе од контрола и да прерасне во насилно незадоволство. Во некои периферни делови од Париз веќе имаше насилни протести мотивирани од долгата изолација, но и од стравот од подолготрајна невработеност.

Европа внимателно следи и што се случува во САД, каде претседателот Доналд Трамп, во својот веќе познат стил, војува со демократските гувернери кои сакаат да се истрае со карантинот, па ги подржува протестите што веќе ги имаше во петнаесетина сојузни држави.

Тие не беа масовни, а нема сознанија ниту за насилство. Демонстрантите имаат барано – „враќање на слободата“, или пак инсистираат на „слобода на движењето“ затоа што, како што пишуваше на еден транспарент во градот Олимпија, во сојузната држава Вашингтон – САД се слободна држава – во која слободата никој не може да им ја одземе.

На протестите се тврдело дека „коронавирусот е обична лага“ (!?). Во градот Олимпија, некои од најнервозните се обиделе да прегазат еден болничар кој облечен како што оди на своето работно место, во локалната болница, со маска на лицето и со ракавици, се обидел да ја попречи колоната возила со демонстранти.

Тоа не се случило, но тамошните медиуми откриваат дека овие „борци за слобода“, всушност, потекнуваат од истите крајно-десничарски и конзервативни кругови кои од 2016 година станаа гласачи на актуелниот претседател.

Покренување на малиот бизнис

Ситуацијата во Европа не е таква, освен што на социјалните мрежи (и во Македонија) има наплив на прилози и „стручни мислења“ на разни „бљак“ интелектуалци и на луѓе кои сакаат да мудруваат, а Фејсбук, на пример, стана идеално место за тоа.

Овие луѓе не им веруваат на она што го зборуваат епидемиолозите (како и кога стануваше збор за вакцините) па, очигледно, е дека повеќе се загрижени за тоа што не можат да живеат удобно, како во времето пред пандемијата, отколку за вкупното здравје на луѓето во државата (и за своето исто така), како и за запирањето на пандемијата.

Европските политичари, меѓутоа, се загрижени и за економските последици од глобалната пандемија која никако не попушта.

Можеби и повеќе отколку за разните фрустрации на луѓето. Затоа и настојуваат да побрзаат со покренување, барем на дел од животот, а тоа значи – повторно отворање на малите бизниси и на делови од услужниот сектор, се укинувале на некои од мерките на карантинот.

Повратен удар?

Епидемиолозите, здравствените експерти и Светската здравствена организација (СЗО), на целата оваа нестрпливост, да се стави побрзо крај на ограничувањата, реагираат мошне претпазливо и повеќе со загриженост, отколку со одобрување.

Нивната порака е – Не брзајте со укинување на карантинот – затоа што со тоа се ризикува повратен удар на вирусот и на епидемијата.

Според нив, стабилизирањето на пандемијата во Европа (намалување на растот на заразувањето и на смртноста) е САМО НАИЗГЛЕД така. „Немојте да се залажувате, пред нас има долг пат. Овој вирус уште долго ќе биде со нас“ – изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Адхан Гебрејесус.

Тој бара трпеливост и крајна внимателност, затоа што експертите се уште не знаат како ќе се развиваат работите во Африка, во Средна и Јужна Америка и во Источна Европа (Белорусија, Русија и Украина), меѓу другите.

Здравје и економија

Според генералниот директор на СЗО, Светската организација има разбирање за луѓето и за нивните фрустрации од седење дома, во своевидна изолација, но само така се спречува ширењето на вирусот.

Еден од директорите на СЗО, Такеши Касаи изјави деновиве дека плановите за „опуштање“, па дури и од економски причини, се опасни.

„Ова не е време за опуштање и сите ние мораме да се научиме за еден нов начин на живеење во блиска иднина“

…рекол овој експерт. Тој им сугерира на европските влади да бидат внимателни со карантинот и да се потрудат да воспостават БАЛАНС МЕЃУ ЗДРАВЈЕТО И ЕКОНОМИЈАТА, односно меѓу животите на луѓето и побрзото профункционирање на економското живеење.

„Додека не се најде вакцина за вирусот, или не се произведе лек против Ковид-19 и додека тие не почнат да се применуваат, СИТЕ ќе мора животот да го прилагодиме на пандемијата“

…смета Такеши Касаи.

А, до кога ќе биде така – тоа никој не го знае.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе