Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Белград креира непријателства

ilixe48/Bigstock.com

Белград креира непријателства

Во време кога систематски и континуирано се дестабилизира Црна Гора – од надвор, во што Белград, политички и преку тамошната црква е силно инволвиран, белградското раководство се нафрли, без никаква причина и врз Македонија, дискредитирајќи го претседателот на државата.

Како орудие за нападот беше искористен  еден тамошен министер, кого обично го користат за вакви потреби – за кавги и за навредување на неистомислениците (дома и во странство), па затоа и единствено е познат по својот недоличен, честопати  примитивен јазик на обраќање – срамотен за владата во која седи и за државата што ја претставува.

Тој и таков министер го нападна македонскиот претседател со зборови кои на неговиот јазик (обично) се означуваат како „простаклук“ – само затоа што претседателот на Република Северна Македонија, (за него и за неговата влада соседна држава), е загрижен од можноста, косовското прашање да се разреши со промена на границата и со некаква размена на територии.

Штетно за регионот

„Претседателот Стево Пендаровски верува дека решение кое може да предизвика промена на границите и размена на територии и луѓе , може да има штетно влијание врз регионот и штетно влијание врз севкупните напори во пост-конфликтното опоравување на регионот за изградбата на мултиетнички општества“ – стои во изјавата на кабинетот на македонскиот претседател за еден косовски весник.

Изјавата се однесува на стравувањето на еден македонски граѓанин, политичар и сега шеф на држава за една , според него, опасна ситуација, затоа што таа може да ја отвори  „пандорината кутија“ на злото и да предизвика „ домино ефект“  во регион каде се уште се војува со национализми, каде омразата е се уште дел од дневната политика и каде (историски гледано) – секое етничко чистење и цртање нови карти, со нови граници, обично завршувало со војни.

Значи, тоа што го зборува македонскиот претседател се однесува на неговиот оправдан страв за безбедноста на НЕГОВАТА земја и за нејзината стабилност , што инаку му е и обврска и за што е избран на таа функција.

Оправдана загриженост

Таа и таква изјава и не е нова и не е ( од него) прв пат искажана. За белградскиот владин весник „ Политика“ Пендаровски, веднаш по неговиот избор,  ги има речено истото тоа и детално го има елаборирано. Решавањето на косовскиот политички чвор, 12 години по независноста на Косово , секако, е работа на Приштина и на Белград, но нивните соседи и тоа како имаат право да се интересираат и да се загрижени како тоа ќе се направи, а особено доколку постои можност затворањето на една криза, да предизвика отворање  на неколку други.

Таква загриженост имаат искажано и политичари од другите земји во регионот, зборувајќи за потребата од внимателност при правењето на конечното решение, кое нема да води кон дестабилизација на поширокиот регион, колку и тоа да е работа двете инволвирани страни.

Времето на Берлинскиот конгрес од 1878 година е одамна поминато. На Версајската мировна конференција последен пат се цртаа карти низ Европа кои не се изменија ни по Втората светска војна, освен што континентот идеолошки се подели на „ син“ и на „ црвен“. А, не се променија ни по растурањето на Југославија, Чехословачка и СССР, се до појавата на Владимир Путин и до промоцијата на неговата политика – дека територијата на екс Советски Сојуз е руска зона на воено- политичко влијание и дејствување.

Во стилот на Милошевиќ

Дали тоа сега ( на Балканот) значи дека белградското државно раководство, со благослов и силна поддршка на Москва, сака да дејствува и да се однесува во тој путиновски стил кон земјите од екс ЈУ кои останаа надвор од ЕУ- дестабилизирајќи ги БиХ, па Црна Гора, а повремено и Македонија.

Во Белград толку далеку ( барем јавно) не сакаат да одат, па и од таму (како и од Москва) повремено стигнуваат некакви „ мирољубиви- пријателски“ пораки кои делуваат како  „данајски подароци“. Но, министерот за одбрана во Белград, преку пишано соопштение на министерството, се има нафрлено врз македонскиот претседател во стилот на еден Слободан Милошевиќ од времето кога сакаше да пали и да гаси на Балканот, или на радикалот-сојузник Воислав Шешељ.

Во тоа примитивно писание министерот порачува- „Може слободно да молчиш на јазикот што никој не ти го признава, а и на некои други јазици можеш уште полесно да молчиш, зашто никој не ти бара, а ниту ти прифаќа мислење“ ! Уште овој министер тврди дека „ ниту во Македонија малку кој и за било што го прашува (претседателот) , а уште помалку за прашања во соседството“ – рекол овој министер во Белград кој инаку се облекува во некаква црна униформа (!?) .

Нема извинување

Во нормална, демократска и право уредена држава во европски стил, веднаш ќе требаше да уследи ИЗВИНУВАЊЕ , или барем оградување од јазикот во писанието на овој министер. Тоа , меѓутоа, го нема од Белград.

Наместо извинување , врвот на државата имал разбирање за реакцијата на министерот, колку и таа, на македонски јазик речено, да изгледа „ простачка“  и примитивна. Па, затоа таму зборуваат дека на македонскиот претседател и претходно му било речено да не се меша во тие работи- божем не ги разбирал- дека Скопје ( и сите другите- се мисли од екс ЈУ) немале право  да реагираат кога веќе ја признале косовската независност и Косово како независна држава.

Косово, меѓутоа,  го има признаено и орбанова Унгарија, на пример, потоа и Бугарија, цела Западна Европа, Велика Британија и САД,  па Германија и ЕУ ( без пет земји, поради нивни внатрешни состојби). Сите тие ( заедно со оние што формално ја немаат признаено косовската независност) ја прифаќаат НОВАТА РЕАЛНОСТ на Балканот и потребата да се разреши ситуацијата на мирен начин и без создавање нови проблеми- а пред се, растурање на БиХ- за што сите се едногласни.

Картографија за пазарење

Конечно, ЦЕЛАТА Европска Унија го смета Косово како дел од Западен Балкан, а Белград преговара со него за авионско и железничко поврзување. И преговара (тајно) и за конечното решение. Проблемот е само што сака тоа да биде по негово- така како што ќе му одговара само на белградското раководство и секако на Москва, без која не се крие дека не може да има конечно решение. И тогаш кога на Белград ( и на Москва) тоа ќе им одговара.

А, тоа од пред две години значи- ако ЕУ и САД сакаат Белград да го признае Косово, за возврат мора нешто и да добие! Така се роди планот за нова граница на Ибар, низ Митровица  (северна српска и јужна косовско-албанска) , како и сите 17 општини кои се пред се население со етнички Срби, да станат дел од соседната држава. На тоа , косовските Албанци ( оние што се за овој план) бараат нивната нова држава да ја добие т.н. прешевска долина- Медвеѓе, Прешево и Бујановац.

Од тоа стравува македонскиот претседател. Од тоа стравуваат и во БиХ и во Црна Гора, стравуваат во ЕУ и во Европа, затоа што тоа ќе значи нови карти на европскиот континент, 75 години по крајот на Втората светска војна. Од тоа стравуваат во Украина, зашто тоа значи збогување на Киев од Крим и од Донбас, а стравуваат и во Грузија каде и онака немаат никаква контрола врз Абхазија и врз Јужна Осетија.

Скопско „додворување“ !?

Веројатно затоа, тој страв на Пендаровски во Белград некои тамошни „мудреци“ го објаснуваат како поддршка на Скопје ( или додворување) кон Берлин и на Ангела Меркел, која од 1 јули го презема претседателствувањето со ЕУ.

Излегува дека тоа за Белград е „ грев“ , затоа што тамошното политичко водство е скарано со Меркел, која остро се противи на новата белградска картографија, која, наводно имала благослов од Вашингтон, иако од таму упорно зборуваат дека за тоа ( се уште) не е разговарано и дека за секое решение ќе настојуваат да се усогласуваат со ЕУ.

Дури и да е така, односно дека македонскиот претседател стои зад позицијата на Германија, во тоа нема никаков „ грев“. Па, Република Северна Македонија е членка на НАТО , сојузник со Берлин. Од есен планирано е да почне и да преговара со ЕУ за влез во Унијата, па зашто тогаш Скопје да се спротивставува на нешто што звучи загрижувачки , како што е ново етничко чистење на територии во нашето најблиско соседство, а за што германската страна , со право, се спротивставува.

За разлика од Белград, оваа прозападна и проевропска влада во Скопје не седи на „ две столчиња“- нејзината стратешка позиција била и останува Европа.

Без сертификат

Што се однесува, пак, до признавање на јазикот за што зборува во своето писание министерот – Скопје/Глобал се обиде да утврди кога тоа  државата на оној белградски министер го ПРИЗНАЛА македонскиот јазик, кога такво нешто не постои, во меѓународното прво.

Редакцијата не успеа да утврди и кога ние сме го признале јазикот на министерот, како и тоа дали некој, било кога, дал цертификат  за признавање на неговиот јазик.

И уште нешто, тој белградски министер е познат во блиското минато како силен човек на некогашната по зло позната , балканска „ леди Магбет“ и припадник на партијата ЈУЛ, на сопругата на Милошевиќ- неодамна починатата Мирјана ( Мира) Марковиќ. Партија која беше само приврзок на онаа на нејзиниот сопруг.

Сопругот, пак, непосредно пред нашиот референдум за независност, во септември 1991 година, налутено и има порачано на Македонија  – „Кој сте бре вие да се отцепувате од Југославија, па ние (!?) ви ги имаме признаено јазикот и нацијата“. Оној белградски министер, веројатно, оваа закана од бившиот газда ја смета за аргумент за тврдењето на некакво  „признавање“ на македонскиот јазик.

(Т.И.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе