Данска: Премиерката ја одложи венчавката за ЕУ
Премиерката на Данска Мете Фредериксен ја одложи својата венчавка (веќе трет пат) за да може да учествува во работата на претстојниот Самит на ЕУ, во Брисел, предвиден да се одржи на 17 и на 18 јули.
Овој Самит се смета како исклучително важен, затоа што е посветен на предлогот на Европската комисија околу определувањето средства за создадениот специјален фонд за опоравување на земјите – членки на Унијата и за санација на нивната економија, тешко оштетена од налетот на пандемијата со коронавирусот.
Фредериксен – Данска, пред се!
Овој Самит е и првиот што ќе се одржи „во живо“, во директна комуникација на европските политички лидери, откако претходните, набрзина свикани, како и оној меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, се одржаа како видео-конференција. Ваквото решение е донесено по укинувањето на карантинот и на вонредните состојби во повеќето од земјите на Унијата, како заштита од ширењето на вирусот.
Данската премиерка Фредериксен требаше да се венча за својот избраник и партнер, на 18 јули.
„Кога требаше да се определувам меѓу мојата свадба, со еден прекрасен човек и интересите на Данска, јас се определив за државата“ – има речено Фредериксен за данските медиуми, кои ја подржуваат во нејзината одлука.
Е, сега, колку сето ова изгледа нестварно и многу далечно во Македонија.
Сега, во веќе распалените страсти на предизборната кампања, домашната, националистичка опозиција, уште еднаш покажува, како што тоа го правеше и во изминатите три години, дека никогаш не ја интересираат државните интереси. И порано, а и сега, за овие луѓе е важен партискиот и личниот интерес на тие што ја управуваат и кои од странство ја насочуваат.
Разлики околу солидарниот фонд
А, за Самитот, владата во Копенхаген е контра Европската комисија. Данска, како и Шведска, Холандија и Австрија, познати како „скржавата четворка“ се противат на предлогот – за помош на земјите од коронавирусот да се дадат 750 милијарди евра.
Данска смета дека станува збор за премногу пари, а Фредериксен и нејзината влада сметаат дека парите што ќе се определат, да не бидат грант, туку да се враќаат.
Германија и Франција се согласија околу ова, инсистирајќи дека тоа е неопходно за стабилизација на целата ЕУ и за зачувување на стабилноста на еврото. Берлин и Париз сугерираат и дека дел од парите од овој фонд би требало да бидат во вид на грантови. Како што тоа го бараат Италија и Шпанија.
На Самитот ќе се изврши и смена на ротирачкото претседателство на Унијата- наместо Хрватска, во следните шест месеци со ЕУ ќе раководи Германија. Многумина во Европа, сметаат дека германското водство доаѓа во вистинскиот момент.