Помпео во Источна Европа
Американскиот државен секретар Мајк Помпео од 11 август, цела една недела ќе престојува на европскиот континент, посетувајќи четири држави од ЕУ, од Источна и Централна Европа. Посетата на Помпео е во функција на претстојното разместувања на американските војници кои досега беа во базите на германската територија, по контроверзната одлука на претседателот Доналд Трамп да ги повлече Американците од Германија.
Во текот на својот престој, американскиот државен секретар со своите домаќини ќе разговара и за блокирањето на силното кинеско влијание на европскиот континент, пред се, во неговиот источен и југоисточен дел.
„Верувам дека ова ќе биде мошне значајно и продуктивно патување“- изјавил Помпео за американските новинари на еден од последните брифинзи во Стејт департментот.
Полска нуди територија
Во текот на оваа европска турнеја тој ќе престојува во Полска, како и во Чешка, Словенија и Австрија.
Полска прва се огласи , нудејќи ја својата територија како замена за германската, за американските војници. Полскиот претседател Анджеј Дуда кој минатиот месец беше реизбран на функцијата, после една неизвесна изборна трка, која поради неговиот тврд конзервативизам, уште повеќе го подели полското општество, веќе беше во Вашингтон. Тој е првиот шеф на една странска држава кој престојувал во Белата куќа , во услови на се уште силната пандемија со кронавирусот во САД.
Американската адмнистрација настојува да ја потикне воената соработка со Полска , откако Трамп набрзина и според многу аналитичари, хировито одлучи да ги преселува војниците на САД, за да се казнат Германците, а пред се, канцеларот Ангела Меркел, со која има тензични односи во изминатите години.
Минатиот месец, Пентагон објави дека од Германија во САД ќе бидат вратени 6400 американски војници, додека 5600 ќе бидат разместени во други земји-членки на НАТО, пред се во, во Белгија и во Италија.
Кина и Русија
Во Варшава веруваат дека на полската територија ќе бидат стационирани околу илјада Американци. Полска важи за еден од најсилните подржувачи на НАТО на Истокот од Европа, поради стравувањето од Русија и нејзината експанзионистичка политика.
Во текот на разговорите низ Европа, Помпео самиот има најавено дека ќе стане збор и за загрижувачкото кинеско влијание низ светот, како и низ европскиот континенет. Тој ќе настојува да ги охрабри американските сојузници да се откажат од навлегувањето на Хуавеи – од безбедносни причини.
Мајк Помпео се залага и за поголема и посилна ангажираност и присуство на САД во реонот на Централна и Источна Европа, поради заканите од Русија.