Меси: најбогат меѓу фудбалерите
Ѕвездата на „Барселона“ Лионел Меси е најбогат фудбалер во светот, во оваа година, според листата што ја има направено списанието „Форбс“.
Аргентинецот во каталонскиот клуб има заработено 126 милиони долари, од кои 92 милиони од платата што ја добива во „Барселона“ и уште 34 милиони долари, како приход од комерцијални зделки и од разни реклами.
Роналдо е медиумска ѕвезда
Ова за него, но и за сите други фудбалери, на листата од десет најбогати, се однесува на годината во која целата фудбалска сезона, поради глобалната пандемија со коронавирусот е испретурана. Во многу земји имаше порано прекинати првенства, што предизвика во европските професионални лиги играчите да добиваат и намалени плати.
Втор на листата на „Форбс“ е Португалецот Кристијано Роналдо, со заработени 117 милиони долари, оваа година како ѕвезда на италијанскиот клуб „Јувентус“.
Но, за разлика од Меси, поранешниот голгетер на мадридски „Реал“ и натаму го има статусот на фудбалска мега ѕвезда- како најрекламираниот и најистакнуваниот фудбалер во светските медиуми. Останува впечатокот дека Роналдо е поголема ѕвезда во медиумите од Меси.
Бразилецот Нејмар од францускиот „Пари Сен Жермен“ е рангиран како трет, со заработени 96 милиони долари, додека неговиот клупски другар, 21 годишниот Мбате, со 42 милиони е на четвртото место на најбогатите.
Англиските играчи во втората петорка
Ѕвездите на англиската Премиер лига и натаму се најдобро платените фудбалери во едно домашно првенство во Европа, но на листата на „Форбс“ највисоко е рангиран играчот на „Ливерпул“, Мохмед Салах, како петопласиран, со 37 милиони, додека шести е Пол Погба, од „Манчестер Јунајтед“ со заработени 34 милиони долари.
Крајот на листата на првите десет ја сочинуваат – Антоан Гризман, кој е седми, потоа како осми е пласиран Гарет Беил, а на деветтото место е Роберт Левандовски, од минхенски „Баерн“, како единствен од германската Бундеслига. Десетти на оваа листа е Давид де Геа, од манчестерски Јунајтед, со заработени 27 милиони долари.
Меси, по бурата што ја предизвика со најавата дека сака да замине од „Барселона“, сепак, останува во клубот и во новата сезона. На крајот од 2020 година тој ќе биде уште побогат, откако од клубот ќе го добие и загарантираниот годишен бонус.