Барбадос се откажува од кралицата Елизабета
Владата на малата карипска држава Барбадос соопшти дека ќе се откаже од британската кралица Елизабета Втора, која сега, формално е суверен и шеф на државата, за да стане република.
Барбадос, како и неколку други островски држави во карибскиот регион, но и на другите континенти, има статус на британски доминион, што го има побарано по прогласувањето на независноста.
Република по една година
Таквиот статус му овозможува на Барбадос да биде целосно независна држава, со сопствена влада и Парламент, но на чело на државата е генерален гувернер кој управува со земјата во името на кралицата Елизабета и британската круна.
„Време е целосно да завршиме со нашето колонијално минато“- изјави во името на барбадоскиот премиер, генералниот гувернер Сандра Мејсон.
Таа рекла дека жителите на островот сакаат, на челото на државата да видат некого од Барбадос, за да на тој начин целосно го покажат својот посебен државнички и политички идентитет.
„Затоа, следниот чекор ќе биде преземање на целосниот суверенитет, а тоа значи дека за одбележувањето на 55 годишнината од независноста, Барбадос ќе се прогласи во република” рекла Сандра Мајсон.
Чинот на откажувањето од кралицата и од британската круна, како и прогласувањето на новата република во Карибите, треба да се случи во ноември 2021 година.
Независни од 1966 година
Барбадос стана независна држава во 1966 година, откако до тогаш беше британска колонија. Но одлучи да ги задржи врските со поранешната империја, како што тоа го имаат направено и десетици други земји во Америка, Азија, Африка и Океанија.
Доминионски статус имаат и земји какви што се Канада, или Австралија и Нов Зеланд, или Јамајка во карипскиот регион.
Тие не се републики со свој претседател, туку на челото на државата имаат генерален гувернер кој само ја претставува британската кралица која на тој начин е и нивни суверен.
(Д.Л.)