Италијанците гласаа за помалуброен Парламент
Гласачите во Италија, во два дена, гласаа на референдум за тоа дали се согласуваат да имаат помалуброен Парламент, од оној што го имаат сега.
Сите партии застапени во Парламентот се согласија со ваквото реформирање.
Претходно и пратениците и сенаторите изгласаа намалување на бројниот состав на двата парламентарни дома, но затоа што при тоа гласање не беше обезбедено двотретинско мнозинство, според италијанскиот закон, мораше да биде распишан и референдум.
Речиси 70 отсто од Италијанците го подржаа проектот за помалуброен Парламент.
Помалку пратеници и сенатори
Референдумското изјаснување се одржа во услови на бројни мерки за заштита поради вториот бран од епидемијата на коронавирусот, па излезноста е нешто над 53 отсто, вклучувајќи ги и оние Италијанци кои поради вирусот гласаа од дома, од болниците, или од карантин.
Нивните гласачки ливчиња ги прибираа во гласачките кутии екипи на избирачките комисии, облечени во специјални заштитни скафандери, какви што имаат медицинските екипи кои лекуваат болни од Ковид.
Според ваквиот исход на референдумот, идниот италијански Парламент што досега имаше без малку илјада членови во своите два дома – сега ќе брои 600 пратеници и сенатори. Во Долниот дом ќе има 400 пратеници, наместо досегашните 630, а во Горниот дом 200 сенатори, наместо сегашните 315.
Се смета дека оваа парламентарна реформа, ќе придонесе за намалување на италијанската гломазна и бирократизирана администрација.
Заштеда од десетици милиони евра
Но, помалубројниот Парламент значи и голема заштеда пари од државниот буџет што се издвојуваат за платите на пратениците и сенаторите и за парламентарната администрација која ги опслужува, како и за прилагодувањето на италијанскиот Парламент со современите претставнички домови во Европа.
Првичните проценки покажуваат дека станува збор за неколку десетици милиони евра годишно.
Намалувањето на бројниот состав на Парламентот во Италија не е идеја која е од скоро покрената, но таа досега од разни причини, никако не наоѓаше начин да се реализира. Затоа, владејачкото, левичарско движење Пет Ѕвезди (Чинкве Стела) објави дека парламентарната реформа е нивна заслуга.
Оваа партија инсистира дека само таа го има ставено реформирањето во програмата што им ја понуди на италијанските гласачи за последните парламентарни избори.
Салвини не ја освои Тоскана
Со референдумот, паралелно се одржаа и избори за гувернери во седум италијански региони – Кампања, Маркес, Лигурија, Пуља, Тоскана, Долината Аоста и Венето. За ова гласање, битката се водеше меѓу традиционалните партии на десниот и на левиот центар.
Екстремната десница на Матео Салвини и неговата крајно-десничарска Лига, ги задржаа под своја контрола регионите кои и досега ги имаа, меѓу нив и трет пат, едно по друго и регионот Венето (областа околу Венеција). Но, тој успех може да биде кобен за личните амбиции на Салвини кој води битка за задржување на лидерската позиција и тоа во директна пресметка со старо-новиот гувернер на Венето.
Аналитичарите проценуваат дека сегашната победа и неговата лична популарност кај гласачите, го прават гувернерот на Венето фаворит за лидерската трка, со Салвини.
Уште повеќе што тој и Лига не успеаја да ја освојат Тоскана која остана под контрола на левиот блок партии. Левицата го совлада Салвини (47:40) иако тој самиот, целата своја пропагандна активност ја насочи на тоа да победи во овој регион.
Левицата освои три региони- покрај Тоскана, уште и Пуља и Кампања.
(Р.И.)