Дипломатите во одбрана на полската ЛГБТ заедница
Амбасадори од сите страни на светот – вкупно 50 – акредитирани во Варшава, во отворено писмо, побараа од владата на Полска да ја запре непријателската кампања и дискриминацијата кон ЛГБТ заедницата во оваа земја, која во писмото на странските дипломати се означува како сексуално малцинство.
Меѓу потписниците на ова писмо се амбасадорите од земјите-членки на ЕУ, каде и Полска е членка од 1 мај 2004 година, но и од држави какви што се САД, Израел или Индија.
„Поопасни од комунизмот“!
Оваа средноевропска земја стана позната во светот по своето силно непријателство кон ЛГБТ заедницата, откако на власт дојде конзервативната и националистичка влада на партијата Право и Праведност (ПиС).
Полскиот претседател Анджеј Дуда, кој во јуни, на претседателските избори успеа да освои и втор мандат, одново врз познатите националистички позиции, во кампањата остро се нафрли врз ЛГБТ заедницата и оние кои ја подржуваат и бранат.
Во едно предизборно обраќање, Дуда дури ја нарече оваа „малцинска“ група – „многу поопасна и од комунизмот“ – предизвикувајќи гневна реакција во демократската и либералната полска јавност, како и низ поголемиот дел од Европа
Во Полска е забрането, па според тоа се означува и како кривично дело, склучување на истополови бракови, а забрането е и ваквите двојки да може да посвојуваат деца.
ЛГБТ не е идеологија
Таквата политика на владејачката партија има создадена општествена клима во која доминира ултра-конзервативизмот под влијание на полската католичка црква, па во овие делови од тамошната јавност, ЛГБТ е прогласена за „опасна и агресивна идеологија“.
Во отвореното писмо, странските дипломати во Варшава, порачуваат дека полската влада е „задолжена да ги заштитува од дискриминација и од насилство” припадниците на оваа заедница, респектирајќи ги нивните човекови права.
Американската амбасадорка, Џорџет Мосбахер уште има напишано и дека „човековите права не се идеологија – тие се универзални“, додавајќи дека сите потпишани 50 дипломати се согласуваат со тоа.