Вонвременските креации на Коко Шанел
Во парискиот Музеј на модата се отвора ретроспективна изложба посветена на познатата модна креаторка Коко Шанел, што е прв таков случај на музејот.
Авторите на ретроспективата сметаат дека таа го заслужува тоа, меѓу другото и затоа што нејзиниот стил на елеганција трае и остана во мода веќе сто години. Со изложбата и се оддава признание на Коко за нејзиното големо влијание врз модата и облекувањето на жените во текот на 20 век.
Во тие заслуги посебно место има и нејзината креација на парфемот „Шанел 5“ што важи за еден од најпродаваните во светот.
Создаден е во 1921 година и остана популарен и вреднуван се до денешно време. За овој парфем, експертите велат дека нема точно определена мирисна нота, каква имале сите парфеми во време на неговото креирање, но дека токму во тоа е неговата големина и популарност која ја одржува безмалку еден век.
Приредувачите на изложбата изјавиле дека се определиле за ретроспективен приказ на делата на Шанел, затоа што стилот на модата што таа го има наметнато, има извршено револуционерно влијание врз женското облекување- креирајќи удобна облека и внесувајќи ги пантолоните во гардеробата на жените.
Коко Шанел е родена како Габриел Бонер, во 1883 година. Почина во длабока старост, во 1971 година, се уште креирајќи и работејќи во своите салони.
За неа се напишани околу 100 биографски книги – за животот и потеклото, за нејзиниот голем успех, за бројните љубовници, иако никогаш се нема омажено, па дури и за (наводната) соработка со нацистите во окупираниот Париз.